Светска банка прогнозира економски раст од 3 отсто наспроти предвидувањата на Владата од 3,7 проценти

Во прогнозите на Светка банка за 2025 година, Македонија ќе има раст на економијата од 3 проценти наспроти предвидувањата на македонската Влада за раст од 3,7 проценти. Во извештајот за глобалните економски перспективи, Светска банка проценува дека економијата во земјава во 2026 година ќе порасне на 3,2 проценти или тоа е зголемување за 0,2 отсто во однос на претходната проценка

18

Во прогнозите на Светка банка за 2025 година, Македонија ќе има раст на економијата од 3 проценти наспроти предвидувањата на македонската Влада за раст од 3,7 проценти. Во најновиот извештај за глобалните економски перспективи, Светска банка проценува дека економијата во земјава во 2026 година ќе порасне на 3,2 проценти или тоа е зголемување за 0,2 отсто во однос на претходната проценка.

Од земјите во регионот, Бугарија годинава ќе забележи раст од 2,8 %, Хрватска 3,0 %, Босна и Херцеговина 3,2 %, Албанија и Црна Гора од по 3,5 %, Косово 3,9 %, а Србија од 4,2 проценти. Се предвидува дека целиот регион на Западен Балкан ќе има раст од 3,7 проценти во 2025 и 3,9 проценти во 2026 година.

Се очекува клучна улога да имаат приватната потрошувачка и инвестициите, особено во Косово, Црна Гора, Северна Македонија и во Србија. Во исто време, се очекува забавениот раст на еврозоната да обезбеди само ограничена поддршка за извозот.

Светска банка смета дека Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан би можел да ја удвои економијата на регионот во рок од една деценија, поддржувајќи ги пристапувањето во ЕУ и подобрувањето на финансирањето на инфраструктурата и пазарната интеграција.

Главни ризици, пак, се геополитичките тензии. Руската инвазија врз Украина останува значаен фактор во обликувањето на регионалната перспектива. Секоја понатамошна ескалација може да доведе до поголемо економско нарушување во целиот регион.

Одложувањата во спроведувањето на структурните реформи може да го попречат исплаќањето на средствата на ЕУ за Западен Балкан и да ги одложат изгледите за пристап во ЕУ за сегашните земји кандидати. Покрај тоа, некои економии може да се соочат со дополнителни предизвици при извршувањето на големите инфраструктурни проекти финансирани од ЕУ.

Светска банка очекува глобалниот економски раст оваа година да биде 2,7 проценти и да остане на исто ниво во 2026 година, нагласувајќи дека таа стапка е недоволна за стимулирање на одржливиот економски развој.

Според заменик главниот економист на Светска банка, Ајхан Косе, тоа е стапка со која светот „може да живее“, но не е доволна за подобрување на животниот стандард на луѓето, како во побогатите така и во посиромашните земји во светот.

Извештајот на Банката предупредува и на дополнителни пречки за тоа сценарио, од зголемена политичка несигурност и негативни промени во трговската политика до геополитички тензии и постојана инфлација, до природни катастрофи поврзани со климата.

ММФ прогнозира раст на светската економија од 3,3 %, а Светска банка од 2,7 %

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави ажурирана прогноза за светската економија, во која проценува дека годинава ќе забележи раст од 3,3 отсто, што е нагорна проекција од 0,1 процент во однос на претходната октомвриска проекција.

Оваа прогноза е направена без да се земат предвид потенцијалните политики што ќе ги води новиот американски претседател, Доналд Трамп, бидејќи ММФ нема прецизна претстава што и како ќе се прави, посочуваат од институцијата.

Проблемот произлегува од двете големи европски економии, Германија и Франција, чии прогнози се ревидирани надолу, за разлика од Шпанија, која веќе има добри показатели во последните две години, а ММФ очекува од неа уште повеќе оваа година, со раст од 2,3 проценти.

Германија, која имаше рецесија две последователни години, едвај ќе премине на позитивна територија, со очекуван раст од 0,3 отсто, ревидиран за 0,5 процентни поени надолу од последната прогноза на ММФ во октомври.

– Постои загриженост за зголемувањето на цените на енергијата во некои земји, но, исто така, и одредена несигурност во врска со трговијата со Кина или со САД и што би можело да се случи во иднина. Тоа влијае на земјите како Германија и Франција – рече Гуринша.

Разликите забележани меѓу западните земји се видливи и меѓу земјите во брз развој, при што економскиот раст на Кина забавува од година на година.

ММФ ја ревидираше нагоре својата прогноза за економски раст на Кина за 2025 година, очекувајќи да биде 4,6 отсто, но тоа е пониско од 2024, кога имаше раст од 4,8 проценти. Се очекува да продолжи тој тренд и во 2026 година.

Добрата вест во извештајот е дека инфлацијата во развиените економии треба да се врати приближно на два отсто колку што е целта на главните централни банки, со проектирани 2,1 отсто за оваа година и 2 отсто за 2026, што е знак дека врвот на инфлацијата од 2022 година е минато.

Иако во земјите во брз развој и во развој е повисока и се очекува да изнесува 5,6 отсто, инфлацијата е ревидирана надолу, бележи забавување во однос на 2024 година и се очекува да продолжи тој тренд и следната година.

 

ИЗДВОЕНИ