Раст од 2,6 проценти на македонската економија годинава, од 2,7 во 2026 година и од 2,8 проценти во 2027 година прогнозира Светска банка во најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан. Во однос на проекциите на СБ, од есента минатата година има зголемување од 0,1 процентен поен кај македонскиот БДП за годинава, а намалување за 0,3 проценти поени кај проекцијата за следната година.
Во извештајот се наведува дека се проектира малку да забави економскиот раст на Западен Балкан во 2025 година, како последица на послабата надворешна побарувачка и економската несигурност, која произлегува од менувањето на глобалните трговски политики, што би можело негативно да влијае врз бизнисите и довербата на потрошувачите.
Светска банка предвидува дека комбинираниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и на Србија ќе достигне 3,2 проценти во 2025 година, што е за 0,5 процентни поени под претходните проекции. Се предвидува да забрза растот до 3,5 проценти во 2026 година.
Надолна корекција од 0,3 процентни поени за годинава има за албанската економија, за каде што е проектиран раст од 3,2 проценти, кај БиХ и кај Црна Гора, исто така, надолна корекција за по 0,5 процентни поени, со што растот таму ќе изнесува 2,7 проценти, односно три проценти. Кај Косово има пад на проекцијата за 0,1 процент, со кој БДП ќе изнесува 3,8 проценти, а кај Србија, исто така, пад, но за 0,7 проценти и српската економија ќе има раст од 3,5 проценти.
Забележуваме одредени позитивни економски трендови на Западен Балкан, кои ја потенцираат отпорноста на регионот и треба да го поткрепат цврстиот економски раст. Пониската инфлација и растот на платите ја поддржуваат потрошувачката, јавните инвестиции почнуваат да се зголемуваат, вели во пишана изјава Шијаочинг Ју, директорка на Светска банка за регионот на Западен Балкан.
Од друга страна, укажува Ју, сведоци сме на зголемена домашна несигурност во неколку економии на Западен Балкан. Побавната економска активност во Европската Унија и зголемената глобална трговска несигурност би можеле негативно да влијаат врз изгледите за раст во регионот.
Според Светска банка, глобалната трговска несигурност, веројатно, негативно ќе влијае врз Западен Балкан, како резултат на забавувањето на економската активност во еврозоната. Ваквото забавување би можело да ја намали трговијата со стоки и услуги, како и инвестициите и дознаките.
Во извештајот се наведува дека во текот на овие периоди на несигурност, диверзификацијата на изворите на раст и обновата на агендата на структурни реформи се најделотворни стратегии за одржување на економската отпорност. Клучните мерки вклучуваат: отстранување на пречките на пазарот на трудот, вклучувајќи ги и оние што влијаат негативно врз жените; подобрување на регионалната економска интеграција; подобрување на стандардите за управување, како и зголемување на пазарната конкуренција за поттикнување на продуктивноста и поддршка на долгорочниот раст. Освен тоа, посочува СБ, за земјите од Западен Балкан побрзото спроведување на реформите за пристапување во ЕУ, како што се приклучувањето во Единственото подрачје за плаќање во евра (СЕПА) и воведувањето „зелени ленти“ за рационализирање на прекуграничната трговија, би можело дополнително да ја подобри довербата на бизнисите, да привлече инвестиции и да го поттикне создавањето работни места.
Во извештајот, исто така, се нагласува за тоа како зголемувањето на температурите и екстремните временски услови, заедно со преодот кон економија со ниско ниво на јаглерод, го преобразуваат секторското вработување во регионот, што бара значително приспособување на работната сила.
Според Светска банка, шесте земји на Западен Балкан треба да им дадат приоритет на реформирањето на своите системи за социјална заштита и на услугите за вработување. Ова ќе ѝ помогне на работната сила во секоја од овие земји да се справи со негативните временски услови како што се поплавите, сушите и шумските пожари и да биде подготвена за нови можности за вработување, на кои главен двигател е зелената транзиција.
Зајакнувањето на системите за заштита на приходите на трудот да одговорат на потресите на вработувањето и подобрувањето на флексибилноста на системите за социјална заштита би можело да помогне во спречувањето на луѓето да западнат во сиромаштија. Освен тоа, преквалификацијата на работниците за зелени работни места би помогнала да се одговори на еволуирањето на побарувачката за вештини, промовирањето на продуктивноста и растот, укажува Светска банка во редовниот економски извештај за Западен Балкан.
Претходно, Меѓународниот монетарен фонд, во најновиот извештај, наведе дека растот на македонската економија оваа и следната година ќе изнесува 3,2 проценти, со стапка на инфлација од 3,4, односно 2,2 процента.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, по објавата на извештајот на ММФ, оцени дека проекцијата на Владата за раст на економијата на земјава од 3,7 проценти е реална.
Оваа криза, која дава голема неизвесност, ние, како држава, може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Капацитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени. На тој начин, европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе има, на некој начин, поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, но е, сепак, на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7 проценти е реална – рече Димитриеска-Кочоска при учеството на пролетните средби на групацијата на ММФ и Светска банка.