Во рамките на годинашното одбележување на Свети Трифун, празникот на лозарите и на винарите, амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери, му го додели на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, орденот „Витез на редот на ѕвездата на Италија“. Ова значајно одликување, востановено во 2011 година, им се доделува на заслужни личности од светот што со залагањето и дејствувањето дале особен придонес во развојот и во промовирањето на односите на пријателство, културна и економска соработка меѓу нивните земји и Италија.
– Соработката со господинот Светозар Јаневски е многу важна за Италија и за Амбасадата, не само поради неговата постојана поддршка на нашите културни настани туку и затоа што со години има клучна улога во развојот на економската соработка меѓу Италија и Северна Македонија, особено во винскиот сектор – истакна Палминтери.
Заблагодарувајќи се, Јаневски рече дека ова одликување е верификација на сите досегашни напори за развој на домашната винска индустрија, за што огромно влијание имаат соработката и поддршката што ја добива ВВ „Тиквеш“ од Италија, во форма на технологија, современа опрема, напредно знаење и експертиза од областа на лозарството и винската индустрија, за што оваа земја е една од водечките во светот.
– Значаен дел од оваа соработка беше и двегодишниот проект „Alimentare, Ambiente, Agricultura“, кој го реализираа едукативниот центар М6 и Амбасадата на Италија и кој постигна значителни резултати, на кои сум особено горд. Ова одликување нека биде дополнителен поттик и пример за другите во изнаоѓањето начини како уште повеќе да ги приближиме нашите две земји и пријателски народи и да изнајдеме нови можности за соработка во економијата и во другите општествени области – истакна Јаневски.
ВВ „Тиквеш“ годинава го одбележува празникот на лозарите и на винарите, Свети Трифун, во знакот на исклучителен јубилеј – 140 години од своето постоење. На свечениот чин на закројување на лозјата во Лепово, во присуство на претставници на дипломатскиот кор, на институциите, лозари и соработници, беше нагласено дека „Тиквеш“ не само што ѝ останува посветен на традицијата туку и е пионер во воведувањето на современите стандарди и во имплементацијата на напредните, одржливи практики, кои треба да ја трансформираат домашната винска индустрија и да помогнат за нејзина подобра промоција на глобално ниво.
Покрај посветеноста на одржливото производство, „Тиквеш“ ја зајакнува и соработката со лозарите, со значително зголемување на бројот на кооперанти со кои винарницата ги воспоставува напредните стандарди за производство на грозје. Преку заедничка работа и примена на агротехнички мерки, компанијата активно придонесува за унапредување на квалитетот на грозјето, што се рефлектира во производството на вина со врвен квалитет.