„’Светот што го избрав’, кус, концизен, маестрално напишан, е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни наметнал избор што не само што не го оправдал, туку со него ни нанел штета и тага“, се вели во образложението на жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“. Добитничката Калина Малеска, пак, рече дека ѝ претставува чест што многу прашања кои ги сметала за важни како што се образованието, односот кон другоста, односот кон различностите, општествените стигми, идентитетот, принудните релокации, еманципацијата, а за кои размислувала како да ги вообличи во романот биле препознаени од членовите на жирито

„Светот што го избрав“ од Калина Малеска, во издание на „Или-или“, е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

-„Светот што го избрав“, кус, концизен, маестрално напишан, е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни наметнал избор што не само што не го оправдал, туку со него ни нанел штета и тага. Личната приказна за Леона, која како средовечна жена ги напушта сопругот, домот, дотогашниот живот и статус, и почнува од нула во подрумска соба среде Скопје, истовремено се преплетува со општествено критичката приказна за образовните реформи, во чија комисија хонорарно соработува и Леона. Автентично истражен и стилски избрусен, ликот на Леона е лик на жена која својата ранливост, самотија, нагла осиромашеност и длабока неизвесност во патријархалното опкружување, храбро и достоинствено ги преобразува во нова можност и решеност да избере, да се избере себеси, но и она и оние што ќе ги сака и чувствува за свои. Нејзиниот идентитет се преобразува со силата на нејзиниот интегритет што претставува и интроспекциски процес на самоосвестување и рехабилитирање во сопственото постоење, но и надежно заедничарење со новите познајници и животни околности во кои се нашла, се вели во образложението на жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ која ја сочинуваа Лидија Димковска (писателка и минатогодишна лауреатка), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“).

Од жирито истакнуваат и дека „Светот што го избрав“ апсолутно го заслужува називот „Роман на годината“ за 2024 затоа што е извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори.

-Овој роман е толку потребна книжевна согледба за ранливоста и моќта на човековата микрокосмичка положба во макрокосмосот на системот, без разлика дали станува збор за семејство, за самост или за општество. „Светот што го избрав“ од Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да реши да го избере. Во таа смисла романот на годината би требало да го има во секој дом, во секоја лична библиотека, но и во секоја безбедна соба, институција и катче каде што човек прибегнува по помош или совет како да се продолжи понатаму кога се чини дека тоа е невозможно. Одлично напишан, со длабока човечка порака, се додава во образложението на жири-комисијата.

Да потсетиме, четириесет и три романи беа во конкуренција за оваа престижна книжевна награда, која се доделува по 26. пат. Како што појаснуваат од Фондацијата „Славко Јаневски“ биле одржани четири состаноци, а по трите изборни круга во финалето за наградата, освен „Светот што го избрав“ од Малеска, влегле и романите: „Простување“ од Кица Колбе, во издание на „Или-или“ и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски, во издание на „Антолог“. Романот на годината за 2024 година бил избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот одржан состанок.

Малеска, на денешната прес-конференција, се заблагодари за наградата.

-Ми претставува голема чест што ја добив  наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ затоа што во овие, повеќе од четврт век постоење, оваа награда претставува вистински промотор на романот како жанр и придонесува многу за популарноста и читателската рецепција на романите, воопшто. Чест ми е што многу прашања кои ги сметам за важни, како што се образованието, односот кон другоста, односот кон различностите, општествените стигми, идентитетот, принудните релокации, еманципацијата, и многу други теми коишто ми беа важни и што навистина многу размислував како да ги вообличам во еден книжевен текст, а тоа е овој роман, беа препознаени од членовите на жирито, и од страна на други читатели, рече Малеска, додавајќи дека реченицата која често се повторува и која ѝ звучела како излитена фраза дека наградите се обврска, сега ја доживеала како вистинита.

-Имено поднасловот на романот е „Си поставувам себеси стапици за да се заштитам од своите слабости“. Како е тоа поврзано со ова што го кажувам сега ќе споделам. Оваа награда за мене навистина претставува една обврска и должност повеќе да пишувам и за работи што се актуелни и значајни во секојдневниот живот и во светот околу нас, така што ова што сега го кажувам пред вас ќе ме тера да се потсетувам дека тоа ќе го правам и понатаму и низ книжевни дела и низ други видови текстови каде што можат да се изразуваат ставови. Сакам да кажам дека во иднина ќе бидам сè поприсутна со споделување на свои мисли, тези и размислувања за книжевни и вонкнижевни теми, додаде таа.

Калина Малеска е писателка, професорка, книжевна преведувачка. Работи како професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Авторка е на збирките раскази: Недоразбирања (1998), Именување на инсектот (2008), Мојот непријател Итар Пејо (2016) и Скопје во високата зона (2021); романите Бруно и боите (2006), Призраци со срмени нишки (2014) и Светот што го избрав (2024); како и драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија (2010). Освен тоа, Малеска пишува и книги за деца, а досега ги има издадено Арно ама (2018) и Вонземјанинот Лу-Ру-Су (2021). Во 2020 ја објавува книжевната студија Облици на моќ во современата книжевност, а во 2023 монографијата Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови (2023). Уредничка е на меѓународната збирка Awake not Sleeping: Reimagining Fairy Tales for a New Generation (2021) во која е застапена и со два раскази. Исто така е уредничка и коавторка на студијата Кон-текстот: дигитални осврти (самостојно издание 2023). Нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. Малеска, исто така, преведува и книжевни дела.

Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.  Од Фондацијата најавија дека врачувањето на наградата е планирано за првата половина или кон средината на мај. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ