Половина од вкупно дванаесетте скривници, колку што ги има на подрачјето на македонската метропола, се целосно неупотребливи и во нив не можат да се засолнат граѓаните во услови кога заканите од ширењето на руско-украинскиот воен конфликт секојдневно стануваат сè посериозни. Тие се претворени во депонии на кои се натрупани автомобилски гуми, штици, летви, канти, искршени столчиња, израснати грмушки, треви… се претворени влезовите во неколкуте скривници во подножјето на Водно, на скопската улица „Загрепска“ во општина Центар. Ништо не е подобра ни состојбата пред влезовите на неколкуте скривници под скопската тврдина Кале. Безбедносните експерти укажуваат дека скривниците треба да се обноват за да послужат за намената заради која се направени |
Излижани и одамна фрлени автомобилски гуми, штици, летви, канти, искршени столчиња, израснати грмушки, треви… се нешто што нè дочекува пред влезовите во неколкуте скривници во подножјето на Водно, на скопската улица „Загрепска“ во општина Центар. Ништо не е подобра ни состојбата пред влезовите на неколкуте скривници под скопската тврдина Кале. И таму царуваат отпадоци, грмушки, запустени простории кои веќе од поодамна не можат да послужат за основната намена. А тоа значи дека половина од вкупно дванаесетте скривници, колку што ги има на подрачјето на македонската метропола, се целосно неупотребливи и дека во нив не може да се засолнат граѓаните во услови кога заканите од ширењето на руско-украинскиот воен конфликт секојдневно стануваат сè посериозни. Посебно сега кога рускиот лидер Владимир Путин издаде налог за промена на нивната нуклеарна докторина, кога руската војска почна да употребува нови далекометни проектили. А проектилите „Орешник“, кои се практично несопирливи, а можат да бидат насочени и кон земјите кои ја поддржуваат Украина, меѓу кои е и Македонија. Тоа значи дека во скоро време може да се случи брза потреба за користење на скривниците, но кои се сега практично неупотребливи.
Тоа ни го кажуваат и самите граѓани кои живеат во нивна непосредна близина и кои би можеле први да се засолнат во нив.
-Сите скривници тука се тотално запустени. Вака е веќе повеќе од петнаесетина години. Некако се одржуваа додека во нив една фирма одгледуваше печурки, но откако таа замина сè се запусти. Таму сега има сешто, не може ниту да се влезе во нив. А таму порано беше сè средено, имаше кревети, имаше простор во кој би можело да се сместат повеќе стотици луѓе, беше сигурно засолниште. Луѓето се неодговорни, едни затрупуваат, други не одржуваат. Треба да се смени ваквиот однос, ни вели Петар Димчев, жител на улицата „Загрепска“.
Тој живее во непосредна близина на една од скривниците која е полна со стари работи, со плакари, штици, гуми, пластични ролетни… Едноставно, влезниот простор е претворен во депонија во која граѓаните оставаат сè и сешто што не им е потребно. Двете скривници се целосно претворени во депониија, а останати се зараснати во грмушки.
Така и е кај скривниците под Кале. Некакви врати кои би претставувале заштита воопшто немаат ни преден дел. Бетонските ѕидови кои се потпора за влезот во внатрешноста на тврдината каде што се скривниците веќе почнале да се ронат. Целиот влез повеќе потсетува на некаков јавен нужник отколку на место во кое скопјани треба да побараат заштита. Пристапните ходници кои се пошироки се темни, а кога ќе се дојде до нивниот крај, се гледаат помалите отвори за влез во самите скривници. На некои има железна врата, на некои нема. Внатре владее темница која секое навлегување го прави и невозможно и несигурно. Заради тоа чувство на небезбедност се откажавме од влегувањето во внатрешноста на скривниците за да видиме во каква состојба се салите во кои би требало да престојуваат граѓаните во случај на опасност.
Инаку, во главниот град – во Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир -на хартија има дванаесет големи засолништа во случај на елементарна непогода или војна, а околу сто низ целата земја. Од Дирекцијата за заштита и спасување, во изминатиов период постојано соопштуваат дека пет се целосно реновирани и подготвени за употреба. Оттаму, до затворањето на весникот не ни одговорија на прашањата околу тоа што во иднина се планира со нив. Но, дали тоа е доволно за потребите на Скопје и за цела земја кога се знае дека и засолништата во останатите градови во земјава во најголем дел се запуштени, обраснати со дрвја и полни со смет? Така, во случај на вонредна состојба, луѓето нема да можат да ги користат. Дел од градското засолниште во Струмица станало уметничка галерија, а во Штип во засолниште се влегува преку кафуле. На повеќе места скривниците се изнајмени за магацини или за сали за вежбање…
-Како граѓанин сметам дека скривниците треба да се обноват, дека треба да бидат опремени за функцијата што ја имаат. Тие се потребни. Сега друго е прашањето колку тие може да помогнат во услови на голема нуклеарна војна. Но, треба да се уредат, вели Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи. (Б.Ѓ.)
Нефункционален систем за тревожење
И системот за тревожење, исто така, не е во најдобра состојба бидејќи е релативно стар, поставен пред 50 и повеќе години. Во земјава се поставени приближно 200 сирени за тревожење и според состојбата околу 80 проценти од нив се исправни, но поради застарената технологија и техника, исклучени се од електрично напојување. Останатите, околу 40 сирени, се во дефект, искршени или украдени.
-Системот за тревожење е нефункционален и ние бараме и европски пари за да се обнови. На некој начин можеби е среќна околност што известувањата сега брзо се праќаат со смс-пораки па граѓаните брзо може да се информираат за опасностите, вели Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.