Сочувството и нудењето помош се главната содржина и на бројните реакции што пристигнаа во Македонија од странство. Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, изрази жалење за трагичното губење животи во пожарот во Кочани.
– Моето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до сите погодени. ЕУ се солидаризира со народот на Северна Македонија во ова тешко време – напиша Фон дер Лајен на Х.
Папата Франциск, преку телеграма потпишана од кардиналот државен секретар Пјетро Паролин, изрази „длабоко сочувство до семејствата на жртвите“, како и „своја духовна блискост со повредените“.
Сочувство и нудење помош дојдоа и од земјите од регионот. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази длабоко сочувство, а српската Влада го прогласи вторник за Ден на жалост за жртвите од пожарот во Кочани. Најавено е дека во Македонија ќе дојдат 14-мина српски лекари, хеликоптери, пет возила на Брза помош, додека дел од повредените ќе бидат пренесени во Ниш. Оние чија состојба бара посериозно лекување, ќе бидат пренесени во Воено-медицинската академија во Белград.
Црногорскиот премиер Милојко Спаиќ соопшти дека во Црна Гора денеска ќе има Ден на жалост.
-Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Нашите мисли и молитви се со Македонија – објави тој.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, ѝ понуди помош на Гордана Сиљановска-Давкова.
– Во контакт сум со премиерот Жељазков и Бугарија е подготвена да даде медицинска помош – ѝ најавил Радев.
Потоа, по наредба на премиерот Росен Жељазков, авион „спартан“ на бугарското воено воздухопловство отпатува за Македонија, со цел да транспортира осум тешко повредени лица од пожарот во Кочани, во болниците „Пирогов“ во Софија и во Варна. Со авионот пристигнaa и медицински тимови од Бугарија, составени од лекари за интензивна нега и од специјалисти за изгореници, кои ќе се грижат за повредените во текот на транспортот.
И грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, искажа сочувство и желба да се помогне.
– Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време – напиша Мицотакис.
Претседателот на грчката Федерација на вработени во државните болници, Михалис Јанакос, вчера потврди дека тројца млади луѓе со изгореници ќе бидат пренесени во болницата „Папаниколау“ во Солун.
Американската амбасадорка во Македонија Анџела Агелер на социјалната мрежа Х испрати сочувство за жртвите.
– Загубата на толку многу млади животи во една заедница е страшна трагедија. Му понудив секаква помош и целосни ресурси на Амбасадата на САД на премиерот, како и нашите молитви за сите оние кои страдаат денес – порача Агелер.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, преку објава на платформата „Икс“, ја истакна својата тага поради несреќата.
– Сакам да го изразам моето најдлабоко сочувство до премиерот Христијан Мицкоски и до македонскиот народ, поради трагичниот пожар што се случи вчера, во Кочани. Нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите – напиша Орбан.
Романскиот министер Влад Војкулеску ги повика македонските власти веднаш да побараат помош од ЕУ и „да не ја повторуваат романската грешка“ од 2015 година, по пожарот во ноќниот клуб „Колектив“, кога се доцнело со барањето меѓународна помош.
– Ниту една земја во ЕУ, ниту една земја во светот не може сама да се справи со толку голем број жртви со тешки изгореници – напиша тој на „Фејсбук“.
Изрази на сочувство испратија и претседателката на Словенија – Наташа Пирц Мусар, хрватскиот премиер – Андреј Пленковиќ, како и бројни други личности и институции.
Трагедијата во Кочани беше пренесена и од светските медиуми. Тие се повикуваат на официјални податоци од МВР и на податоци од релевантни македонски медиуми. (Б. Ѓ.)