
Американскиот претседател, Доналд Трамп, го одложи воведувањето на царините за 90 дена за повеќе од 75 земји, со исклучок на Кина, за која ги зголеми на 125 отсто. Во овој период, царините ќе бидат симнати на 10 проценти, бидејќи, како што објави Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“, другите земји покажале желба за преговори за разлика од Кина, која покажала „недостиг на почит“. Економските аналитичари во државата го окарактеризираа ваквиот потег на Трамп како купување време за да смисли некоја друга мерка со која нема да го загрози капиталот на лобистите, кои финансиски го поддржуваат. Тие сметаат дека со ставањето на царините на пауза, се одложило најлошото сценарио, но само за кратко, бидејќи царините се само стопирани и дека Трамп во меѓувреме може да смисли нешто, бидејќи, како што велат некои од нив, со него ништо не е сигурно.
Трамп објасни дека го одложил воведувањето на царините бидејќи луѓето станале „нервозни“ и „исплашени“. Тој, исто така, рече дека очекува да се постигне договор со одделни земји за царините, кои се обратиле до американската Влада за водење трговски преговори и не посегнале по одмазда во суштинска смисла.
Меѓу земјите што побараа трговски преговори со САД, беше и Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека е во преговори за склучување договор за слободна трговија, бидејќи со пресметаната царина од 33 отсто, како што рече, најверојатно, е направена е грешка со оглед на фактот што нашата држава има дефицит во размената со САД.
– Остварив телефонски разговор со американскиот државен секретар за економија, пријател на Македонија и докажан поддржувач на нашата земја, Хауард Лутник, кој еднаш го посети Скопје. Во духот на блиското македонско-американско партнерство, потврдивме дека нашите односи се цврсти, пријателски и исполнети со заемна доверба, при што истакнав и дека стратешкото партнерство со САД е врвен приоритет за Владата. Ја нагласив важноста на американската поддршка за стабилен и просперитетен Балкан, а особено за прашањата што се од витално значење за економската соработка. Се согласивме да продолжиме да го развиваме стратешкото и економско партнерство меѓу двете земји – напиша Мицкоски на својот ФБ-профил.
Проценките за пад на извозот остануваат, Македонија се уште ќе трпи негативни последици
Економските експерти сметаат дека со стопирањето на царините се избегнало најлошото сценарио за глобална финансиска криза. Сепак, сметаат дека ништо не е сигурно, затоа што царините, всушност, се само стопирани на 90 дена, и по тој рок може повторно да се случи истото.
– Трамп потклекна под притисокот. Со тоа мислам дека се избегна најлошото сценарио за глобална финансиска криза и рецесија, барем засега. Иако би кажал дека со него ништо не е сигурно, затоа што царините, всушност, се само стопирани на 90 дена и по тој рок може повторно да се случи истово. Сепак, би потсетил дека ова не значи дека нема никакви царини. Сите земји сега имаат царини од 10 отсто, а плус на сила се и оние царини од 25 отсто на автомобилите, алуминиумот и на челикот. Тоа значи дека проценките за пад на извозот и за помал раст остануваат, и Македонија сè уште ќе трпи негативни последици. Друго што е многу важно е што царините на Кина сега се дури 125 отсто. Можеби, и тука ќе дојде до договор, Трамп прати такви сигнали, ама ако не дојде, оваа трговска војна меѓу двете најголеми економии во светот сигурно нема да биде наивна – изјави Јовановиќ за весникот ВЕЧЕР.
Универзитетскиот професор и економски аналитичар, Ванчо Узунов, смета дека Трамп купува време сè додека не смисли нешто попаметно од тоа што го направи и што цел свет го окарактеризира како елементарна грешка.
– Мислам дека Трамп не ги стави на стенд бај царините поради тоа што му се јавија многу државници да го направи тоа, туку поради падот на берзите во Америка и притисокот на лобистите, кои имаат капитал и финансиски го поддржуваат. Сега ќе видиме што ново ќе смисли за да ја истера својата идеја и да не ги повреди нив. Со оглед на фактот дека е невозможно тоа, може да очекуваме серијалот бурлески да продолжи. Трамп сега купува време и се обидува да смисли нешто попаметно од тоа што го направи, а што многумина го окарактеризираа како елементарна грешка. Но, ќе мора да смисли нешто и да најде начин да им го продаде тоа на гласачите – изјави Узунов за весникот ВЕЧЕР.
Според него, можно е Трамп да се откаже од царините за дел од земјите, пред сè за развиените земји како ЕУ, Јапонија, Австралија…
– Ако не се откаже, тогаш многу ќе ги намали царините за некои земји. Сметам дека Трамп не ги воведе царините да ги заштити американските граѓани и компании, бидејќи ако му беше тоа целта, немаше да преземе ваков чекор. И студент од прва година на економија можеше да му каже дека зголемувањето на царините е грешка. Берзата испадна попаметна од Трамп и го дисциплинира. Самото тоа што почнаа да растат акциите на берзите е знак дека потегот на Трамп беше погрешен и оти треба да бара друг начин како да ја подобри американската економија – објаснува Узунов.
Економскиот аналитичар, Синиша Пекевски, смета дека американскиот претседател, Доналд Трамп, ги вовел царините само да му покаже на светот дека тој е главен во политиката и оти цел свет треба да игра по неговите правила.
– Претседателот на САД, Донал Трамп, повеќе е бизнисмен отколку политичар и така се однесува во политиката. Намерата беше преку заканите за царините да го постигне ефектот и, веројатно, го доби тоа што го сакаше. Ги има и силата и можностите, и ги користи тие средства во реалноста, им става на знаење на државите кој е кој. Сметам дека нема да се откаже од царините, бидејќи им покажа на речиси сите земји дека е сериозен во намерата и дека за сè треба да има договор согласно со неговите барања – изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР.
Царинската стапка од 10 проценти е, всушност, основна за повеќето земји во светот и таа стапи на сила во саботата. Таа е значително пониска од првично воведеното за увезената стока од Европската Унија, која изнесуваше 20 отсто, за стоката од Јапонија, која беше 24 отсто ,и за стоката од Јужна Кореја, Канада и од Мексико, која беше 25 отсто. Сепак, тие 10 проценти се, секако, зголемување во споредба со претходната тарифна стапка што ја наплаќаа САД. За Кина, пак, денеска Трамп дополнително ја зголеми царинската стапка од 104 на 125 отсто, по неколку часа откако Пекинг вети дека ќе се бори „докрај“ и воведе царини од 85 отсто за американските стоки. Се чини дека ова е резултат на напорите да се намали она што изгледаше како невидена трговска војна меѓу Америка и остатокот од светот – трговска војна меѓу Америка и Кина.
На Волстрит, индексот S&P 500 скокна во средата за 9,5 отсто, што е негов најголем дневен скок во последните 17 години, откако американскиот претседател, Доналд Трамп, го одложи спроведувањето на дополнителните реципрочни царини за сите земји, освен за Кина.
Европската комисија го поздрави одложувањето на царините на Трамп, историски скок на Волстрит
На Волстрит, индексот S&P 500 скокна во средата за 9,5 отсто, што е негов најголем дневен скок во последните 17 години, откако американскиот претседател, Доналд Трамп, го одложи спроведувањето на дополнителните реципрочни царини за сите земји, освен за Кина.
Индексот Dow Jones се зголеми за 7,87 отсто, на 40.608 поени, додека S&P 500 скокна за 9,52 отсто, на 5.456 поени, а индексот Nasdaq скокна за 12,16 отсто, на 17.124 поени.
За S&P 500, тоа е најголемиот дневен скок од глобалната финансиска криза во 2008 година и трет најголем по Втората светска војна. За Nasdaq, ова е најголем скок од кризата DOTCOM во 2001 година и втор најголем во историјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја поздрави одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, да ги одложи „реципрочните“ царини на 90 дена, нагласувајќи дека ЕУ останува посветена на конструктивни преговори со САД, со цел да се постигне непречена и заемно корисна трговија.
– Ја поздравувам најавата на претседателот Трамп за паузирање со реципрочните царини. Ова е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија – рече Фон дер Лајен во изјавата објавена од Комисијата.
Претседателката на Комисијата повторува за подготвеноста за преговори и нулта царинска стапка меѓу ЕУ и САД.
(A.С.)