Додека дел од говорниците на светосавската свечена академија го нагласуваа севременското значење на делото на првиот српски архиепископ и просветител, дел од учесниците упатија отворени пораки за поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, за негирањето на геноцидот за време на војната во Босна и Херцеговина, за поддршка на актуелниот српски претседател Александар Вучиќ, како и прашањето дали и натаму да се продолжи патот кон Европската Унија. Најконтроверзен говор одржа Милорад Додик, кого ДУИ и Бошњачки демократски сојуз го обвинија дека е „човек на Путин“ |
Потсетувања за важноста на делото на Свети Сава, но и спорни политички пораки се слушнаа на синоќа Светосавска академија, одржана во Македонскиот народен театар во Скопје, каде што се одбележуваше значајниот празник на српската заедница во Македонија. Додека дел од говорниците го нагласуваа севременското значење на делото на првиот српски архиепископ и просветител, дел од учесниците упатија отворени пораки за поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, за негирањето на геноцидот за време на војната во Босна и Херцеговина, за поддршка на актуелниот српски претседател Александар Вучиќ, како и за прашањето дали и натаму да се продолжи патот кон Европската Унија. На свеченоста, која ја отвори Иван Стоилковиќ, македонски министер за односи меѓу заедниците, присуствуваа српскиот патријарх Порфириј, македонскиот архиепископ г.г. Стефан, како и српскиот министерот за одбрана Братислав Гашиќ и министерот за култура Никола Селаковиќ, претседател на црногорското собрание Андрија Мандиќ, претседател на Република Српска, Милорад Додик, како и македонскиот премиер Христијан Мицкоски и лидер на опозициска СДСМ, Венко Филипче. Присутен беше и рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.
Иван Стоилковиќ во своето обраќање се заблагодари за присуството на српскиот патријарх, додавајќи дека нивната осумнаесетгодишна работа на оваа манифестација е крунисана со неговото доаѓање во Скопје. Тој испрати и порака на поддршка до претседателот на Република Србија, директно обраќајќи му се на српскиот министер за одбрана Гашиќ.
-Господине Гашиќ, дозволете ми во името на Србите во Македонија, да пренесам целосна и толку огромна поддршка до претседателот Вучиќ, да продолжи да носи мир и стабилност во регионот, а на некој начин мирот и стабилноста на Србија е предуслов за економскиот развој на Србија, а како таков економски развој, тој е погоден и за сите земји во регионот и таа политика мора да продолжи и понатаму – рече Стоилковиќ.
Српскиот патријарх Порфириј, пак, рече дека „Свети Сава нè собра денес за да го продолжиме неговото дело“.
-Една црква е многу позначајно од кое било друго единство. Затоа што секое друго единство може да биде помалку или повеќе силно и да има пократок или подолг рок на траење, но има свој почеток и крај. Единството во верата е единство коешто се заснова на непоколеблив темел кој се вика Исус Христос. Тоа е единство на сите народи што се родени со светиот дух и поврзани со една вера, рече тој. И, чекорејќи по неговиот пат, да го градиме патот на мирот и разбирањето со сите народи. Доживеавме денеска во овој благословен град, царско и чесно Скопје, кое поради значењето на овој дел од Балканот поетски се споредува и со Цариград, доживеавме да се собереме со државните лица на Македонија, Србија, Црна Гора, Република Српска, претставниците на српските организации, со најдрагите браќа и сестри скопјани и жителите на другите места и градови прославивме 850 години од раѓањето на Свети Сава – кажа патријархот Порфириј, кој говореше и за важноста на единството помеѓу македонскиот и српскиот народ, за што кажа дека е огромен божји дар и благослов.
Најконтроверзен говор одржа Милорад Додик, кој на почетокот зборуваше за важноста на Свети Сава за да потоа упати порака врзана за Република Српска, велејќи дека тоа е држава и дека тие сакаат да живеат во своја држава, притоа не сакајќи да нанесат зло на никој друг. Зборувајќи за војната во Босна кажа дека одредени лица како поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, лажат оти српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население, а зборуваше и за улогата на рускиот претседател Владимир Путин и интеграцијата во ЕУ.
-Српскиот народ, иако сакаат да му стават етикети од минатата граѓанска војна во Босна и Херцеговина, лажат кога зборуваат за геноцид или за што било друго. За жал, се случи војна во која умираа сите, а лажеа кога говореа дека ние убивме 300.000 припадници на друг народ. На база на лаги кои тогаш ги пласираа Бајден и неговата администрација, тие направија конфликт со нас во Република Српска и не сакаат ниту денес да не пуштат да живееме на слобода. Овој народ од Република Српска ја сака Србија и смета дека тоа е наша примарна земја која смета дека и она што Русија денеска е, дека е вистински одраз на интересите на рускиот народ и дека Путин и раководството сториле сè да ги одбранат руските национални и државни интереси во вистински момент и вистинско време. На жалост на страдалниците и на оние кои ги загубија животите, но едноставно, Русија не смееше да дозволи НАТО да ѝ се постави не место од каде може да се загрози Москва и другите делови. По она што го зборуваше Бжежински, таа да се распарча на десетина држави за да се владее со ресурсите на Русија – потенцира Додик.
Во однос на Европската Унија, Додик кажа дека иако тоа е стратешка цел за Србија, таа е лицемерна, што докажала токму со примерот на Македонија.
-Ние го почитуваме изборот на Македонија и политичките насоки по кои се движи, но ние Србите, по бомбардирањето од страна на НАТО, не можеме да бидеме членки на НАТО, ниту Србија ниту Република Српска. Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека таа Европа најмногу се посрамоти со Македонија која направи многу отстапки, а за возврат доби малку од Европа и мораме еден ден да застанеме и да размислиме дали овој пат треба да продолжи, бидејќи што ни дава Европа? Начин на живот, добро, но што остана од неа, од тие вредности? Дали Европа има лидер – нема. Дали има суровини – нема. Европа ја изгуби глобалната конкурентска способност и затоа треба да се свртиме кон себе, кон нашите најблиски и да ги градиме животите во мир и сигурност -рече Додик.
По ова следуваше аплауз во салата при што беше забележително дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче останаа воздржани. Во своето обраќање Мицкоски, пак, направи паралела помеѓу Свети Климент и Свети Сава како основоположници на идентитетот на македонскиот и на српскиот народ со нивната визија за своите народи.
-Соработката е пример како две соседни држави можат да соработуваат и да создаваат заедничка иднина. Европските интеграции, кои се наши заеднички стремежи, се важен сегмент во нашите односи. Веруваме дека македонско-српското пријателство ќе биде дополнителен мост кон европските вредности на демократија, владеење на правото и почит на човековите права – кажа Мицкоски.
На истапот на Милорад Додик вчера одделно реагираа реагираа ДУИ и Бошњачки сојуз, нарекувајќи го „човек на Путин“.
-Секој Албанец и секој достоинствен граѓанин во оваа држава се почувствува навреден, понижен и предаден. Во чин што ја надминува секоја морална и политичка логика, во зградата што треба да го симболизира Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија, беше примен Мирослав Додик – продолжената рака на Владимир Путин, човекот кој работи на поделбата на БиХ и човекот кој го велича нехуманиот масакр во Сребреница. Каква порака испраќа оваа влада до албанските граѓани, до семејствата на жртвите од геноцидот, до оние кои сè уште веруваат во правда и достоинство? Овој чин е сериозен удар за Охридскиот договор. Присуството на Додик е шлаканица за жртвите од Сребреница, за Албанците и за секој граѓанин кој верува во слобода и еднаквост. Тоа е порака која покажува дека оваа власт освен што нема легитимитет, изгуби и секакво чувство за почит кон нашата историја и жртви. Ова е денот кога сите се чувствувавме навредени. Денес сите се срамиме. И денес сите сфативме дека оваа влада ја помина секоја црвена линија. Овој срам никогаш не треба да се заборави – соопштија од ДУИ.
Според Бошњачки демократски сојуз ова сериозно ја доведува во прашање стратегијата за европска интеграција и меѓународните односи.
-Ова е огромен удар за угледот на нашата земја во меѓународната заедница со што се поставува прашањето дали оваа влада воопшто негува европски вредности во контекст на почитување на човековите права и слободи и цивилизациски вредности утврдени со меѓународните акти, врз основа на кои се осудени одредени лица, а со чија глорификација и говор на омраза, Додиќ направи и сè уште ја одржува својата политичка кариера – се нагласува во соопштението.
За претседателот на ТМРО, Ванчо Шехтански, Светосавскиот собир во Скопје со учество на патријархот на СПЦ како и политичка елита од српскиот свет меѓу кои има и од црната листа на САД е не само провокација за македонскиот народ, провокација за НАТО чија членка е Македонија, туку и сценарио за префрлање на тензиите од Србија во нашата држава. (Б.Ѓ.)
Мицкоски: Додик го злоупотреби настанот
Прашан за коментар за говорот на Милорад Додик македонскиот премиер Христијан Мицкоски вчера оцени дека претседателот на Република Српска направил злоупотреба.
-Во делот на содржината на говорот што се однесуваше на антиЕУ и антиНАТО пораки, категорично го отфрлам говорот и не се сложувам со него. Не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање на такви пораки. Тоа беше свечена академија, а не место каде што се упатува ваков тип на политички пораки – потенцира Мицкоски.
Недообјаснета беседа на владиката Петар: Со српскиот народ повремено сме биле подалечни поради нашите гревови
Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар, во Скопје, во црквата „Свети Архангел Михаил“, вчера служел литургија за Свети Сава, националниот празник на Србите, во сослужение со свештеници на СПЦ. Во веста што ја објави порталот Религија.мк се наведува дека беше отслужен помен за загинатите војници во Првата светска војна и во Балканските војни.
-Браќа и сестри, денеска е празник голем за српската црква, за српскиот народ каде и да живее, каде и да опстои. Народ православен, а нам, Македонците, најблизок. Иако повремено сме биле и подалечни поради нашите гревови, ама во последно време се покажа и докажа онаа библиската на светиот славен пророк Давид „Колку е убаво кога ќе се заедно браќата – изјавил владиката Петар, според овој портал. Притоа, владиката не објаснил на какви гревови мислел.