Светогорската Троеручица го прави Скопје место за аџилак-ВРЕДНАТА ХРИСТИЈАНСКА РЕЛИКВИЈА ПРИВЛЕКУВА ГОСТИ И ОД СТРАНСТВО

273
Пред три месеци иконата стигна во Скопје од светогорскиот манастир

По три месеци откако е донесена во главниот град, иконата стана причина за доаѓање на бројни верници, како од Македонија така и од странство: од Грузија, од Романија, од Бугарија, од Босна и Херцеговина, од Србија… Со тоа, црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ станува храм по примерот на значајните православни светилишта кон кои верниците имаат голема почит.

Бранко ЃОРЃЕВСКИ

ФОТО:Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

Пријатна тишина и чувство на светост е првото нешто што ќе се почувствува кога ќе се стапне во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје. Црквата, која е препознатливост на градот, чија заштитничка е токму Пресвета Богородица, и која беше изгорена во пожарот во воената 1943 година, па возобновена во 2008 година, веќе е место што го посетуваат многумина верници. Луѓето доаѓаат, присуствуваат на редовните богослужби, палат свеќи, им се молат на светителите чии ликови се гледаат на фреските, на иконостасот… Но, одењето во овој храм од неодамна е уште позачестено, уште побројно од верниците, и тоа не само на оние од Скопје и од внатрешноста на земјата туку и од оние од странство. Причина за тоа е новата икона на Пресвета Богородица Троеручица, една од најпознатите реликвии во православниот свет, чија осветена копија во септември беше донесена во Скопје и поставена во нејзиното светилиште. Овој подарок, кој дојде од монасите од српскиот манастир Хиландар на Света Гора и за кој беше уприличена и посебна литија со неколку илјади граѓани, спроти големиот празник посветен на раѓањето на Мајката Божја, за кратко време стана и една од најзначајните верски реликвии во македонската метропола.

Тоа се забележува речиси веднаш откако ќе се стапне во внатрешноста на храмот. Сместена на посебно направениот дрвен потпирач од левата страна на олтарот, украсен во македонската традиционална резба и кој е донација на верниците, оваа икона е место пред кое речиси секојдневно се молат верниците. Речиси сите што влегуваат во црквата приоѓаат во тишина пред неа, застануваат, се крстат, ја бакнуваат, се молат, се поклонуваат. Оставаат зејтин, пешкири, чорапи, подароци што традиционално се носат во храмовите, за потоа да заминат да запалат свеќи.

– Така е речиси секој ден откако е донесена иконата. Ни доаѓаат поединци или верници во групи, како од Македонија така и од странство. Ја видоа и верници од Грузија, од Романија, од Бугарија, од Босна и Херцеговина, од Србија… Сите тие доаѓаат во нашиот град од разни причини, но на сите им е заедничко што доаѓаат и специјално да ја видат иконата на Пресвета Богородица Троеручица. За неа се слуша сè повеќе и таа полека станува една од вредните реликвии поради кои се посетува нашиот главен град. Ако доскоро гостите од странство редовно ја посетуваа црквата „Свети Спас“ за да го видат прекрасниот иконостас, сега доаѓаат и тука за да ја видат иконата, за да се помолат пред неа. Таа станува препознатливост на нашата црква, која прераснува во големо светилиште и на Градот Скопје. Тука доаѓаат дури и гости од Турција, кои се со исламска вероисповед, но кои имаат голема почит кон Мајката Божја во која веруваат христијаните – ни вели отец Сашо Блажевски од овој храм.

Додека зборува тој, пред иконата веќе стојат неколкумина верници. Се слушаат звуците на камбаната, додека во храмот си трае утринската богослужба и свештениците ја изведуваат богослужбата, а хорот пее духовни песни. Верниците чекаат еден по еден за да се помолат. Некои потоа и седнуваат на клупите до ѕидот на црквата, во близина на иконата.

– Многу е убава, има некоја енергија и смиреност во неа. Многу сум среќна што е тука, не сум била досега откако е дојдена и ова ми е првпат. Ми зборуваа за неа и решив денес да дојдам. Сега се помолив пред неа и се чувствувам пријатно, токму онака како што треба да се чувствуваме по секоја молитва. Се молам за доброто на сите луѓе. Се чувствувам исполнето, драго ми е што е иконата тука и што ќе остане засекогаш – ни рече Валентина, верничка од Скопје.

Кога доаѓаат некои верници за првпат во храмот, влегуваат во него и ги прашуваат клисарите каде е иконата за да се упатат кон неа. Тоа е сигурен знак дека веќе се шири веста дека има во Скопје храм со позната икона.

Јасмина Панчевска

– Речиси редовно доаѓам на утринската богослужба. Ова е многу свето место. Застанувам пред иконата и ја гледам в очи, и тоа ми внесува енергија. Некогаш одам и во други манастири, но во попладневните часови, кога ќе се вратам во Скопје, пак сакам да дојдам во оваа црква. Ова е свето место во Скопје. Доаѓав тука уште во времето кога не беше направен овој храм, кога имаше тука само една мала лимена црква посветена на Богородица и во која доаѓаа и други луѓе, а што покажуваше колку е голема љубовта на нашите луѓе кон Богородица. Таа не може да се опише со зборови, таа ни помага со љубов – ни вели Јасмина Панчевска, верничка.

Јасмина била и кума на 31 јануари 2008 година, кога на празникот посветен на свети Атанасиј се вршело осветувањето на новоизградениот храм во присуство на верски достоинственици и на многубројни граѓани. Ни раскажува за својот сон ноќта пред денот на осветувањето.

– За кумството беше потребно да донесам посебна погача. Претходно ја нарачав во една пекарница, со напомена да биде голема. Утредента, изутрина, пред службата, требаше да ја земам. Ноќта, во раните утрински часови, се разбудив и сонував како ми даваат мала погача. Потоа се разбудив и отидов во фурната да ја земам нарачаната голема погача. Се изненадив кога ми дадоа таму мала погача, како онаа што ја видов на сон. Прашав зошто ми даваат мала погача кога сум нарачала голема и сфатија дека погрешно ја запишале нарачката. Сепак, на крајот и малата погача беше доволна за причестување на сите верници. Дури и остана од неа. Пресвета Богородица се погрижи да има за сите – ни раскажа Јасмина.

Во овој храм, секој петок со почеток во 16:00 часот се одржува и посебен акатист на Пресвета Богородица, што е посебна служба во чест на Богомајката и таа е многу посетена од верниците.

Познато е, оригиналната икона на Пресвета Богородица Троеручица била семејно богатство на големиот христијански светител Јован Дамаскин, кој ја чувал во својот домашен параклис во Дамаск, на почетокот од осмиот век, кога било ова подрачје под власт на арапските муслимани. Дамаскин бил ревносен верник, од Дамаск ја прогонувал иконоборната ерес со зборови и пишувајќи писма. И така се покажал како поборник и поддржувач на светите икони. Дознавајќи за него, Лав Исавријанец го замразил и измислил една подлост против него. Имено, се потрудил и пронашол едно од писмата напишано од свети Јован Дамаскин и му наредил на својот доверител калиграф да научи да го имитира ракописот на свети Јован Дамаскин и да напише едно лажно послание. По ова, калифот веднаш наредил да му се отсече десната рака на Јован со која е напишано наводното послание и, за пример на сите, да се обеси на главниот плоштад во Дамаск. Заповедта била извршена веднаш. Приквечер, свети Јован побарал да му ја дадат отсечената рака бидејќи заповедта на калифот веќе била извршена. Држејќи ја со левата рака отсечената десница споена со местото каде што била отсечена, клечејќи пред иконата на Богородица цела ноќ, Ја молел Пресвета Богородица да го исцели за да продолжи да пишува во знак на сеќавање на чудото. По долга молитва, уморен од болка и мака, заспал на кратко. И во сон Ја видел Пресвета Богородица жива на иконата и ја слушал како му зборува дека раката му е исцелена и дека не треба повеќе да се жалости, само треба да го исполни она што го ветил, односно да продолжи да пишува во заштита на светите икони. Свети Јован се разбудил и видел дека неговата рака е навистина здрава и дека стои на своето место. Единствено на местото каде што била пресечена останало како црвена линија за потсетување колку на страдањето толку и на чудото што го направила Пресвета Богородица. Поради радост и благодарност кон Богородица, свети Јован приспоил сребрена рака на долната лева страна, слична на отсечената. И тогаш иконата го добила името Троеручица.

Подоцна, по многу векови, во 15 век, оваа вредна реликвија се нашла во манастирот Студеница во Србија. Тогаш, и ова светилиште станало цел на нападите на турските освојувачи. Известени дека доаѓаат Турците кон манастирот, монасите набрзина се погрижиле да ги спасат највредните скапоцености што ги имале. Иконата на Пресвета Богородица Троеручица ја ставиле и ја зацврстиле на самар на едно магаре, кое го пуштиле да оди каде што ќе го води волјата на Богородица. И навистина, водено од Пресвета Богородица, магарето ги минало цела Србија и Македонија и дошло на Света Гора. По заповед на Богородица, тоа застанало недалеку од манастирот Хиландар, каде што се наоѓа и сега, на горното место во олтарот.

Излекувано дете што не можело да оди

Во храмот ни велат дека во изминативе неколку месеци не се забележани некои чуда, кои би можеле да се припишат на дејствувањето на Мајката Божја. Но, такви чуда со кои им се помагало на болните луѓе имало и во минатото. Лани, на пример, на празникот посветен на исцелителите свети Козма и Дамјан, во храмот дошла една жена чиј деветгодишен син ненадејно веќе не можел да оди. Биле и кај лекари, кои ѝ рекле дека не може да е парализа во прашање, бидејќи детето претходно одело и дека нешто друго е во прашање. Потоа, мајката и синот дошле во храмот, каде што свештеникот им прочитал посебна молитва. Набрзо, речиси веднаш по молитвата, детето почнало да оди, а проблемот исчезнал.

ИЗДВОЕНИ