И оваа година, Општина Кисела Вода ја продолжува традицијата што ја започна пред три години и што ќе остане аманет за идните генерации.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека во базенот „Расадник“, в недела, ќе биде положен светиот крст во осветените води, како дел од прославата на Водици.
– Манифестацијата ја започнуваме во 10:30 часот, од храмот „Свети Ѓорѓија“, од каде што со богојавленска литија, заедно со верниците и со свештенството, ќе се упатиме кон базенот во Расадник. Осветувањето на водата и положувањето на светиот крст ќе се случат во 11:00 часот – истакна Ѓорѓиевски.
За најсреќниот учесник што ќе го извади богојавленскиот крст од водите, e предвидена парична награда од градоначалникот, но и награди обезбедени од спонзори.
Заинтересираните треба да се пријават најдоцна до сабота, до 18:00 часот, на телефонскиот број +389 78207687 (Далибор).
Тие ќе треба да потпишат изјава дека се во добра здравствена состојба.
– Браќа и сестри, ве поканувам сите масовно да учествуваме на овој преубав настан, на богојавленската литија и да бидеме дел од продолжувањето на нашата возобновена традиција, сплотени и духот на христијанските вредности да си го прославиме овој убав и голем празник – повика Ѓорѓиевски.
Лани, среќата да го фати крстот што беше фрлен во базенот „Расадник“, меѓу педесетина верници, ја имаше 21-годишниот Давид Мелоски од Црниче. Минатата година беше третото положување на богојавленскиот крст откако Општина Кисела Вода ја возобнови традицијата по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
(А.П.)