Колкава е одговорноста на градоначалникот на Кочани ќе утврди Обвинителството, одговори премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали Љупчо Папазов ќе сноси одговорност во врска со пожарот во дискотеката. Мицкоски рече дека надлежните ги проверуваат сите документи во Општината.
Посочи дека никој нема да биде заштитен и дека секој што има каква било вина во врска со настанот, ќе одговара.
– Градоначалникот во својата оставка напиша дека стои на располагање за сè. Не бега. Тука е. Денеска, колку што знам, истражните органи ќе влезат и во Општината. Ќе ги проверат сите документи. Ако вие сега пледирате дека тој е ВМРО-ДПМНЕ, па ние го штитиме, не, се лажете. Никого нема да штитиме. Свети ВМРО да биде, и јас да сум, родена сестра, брат да ми е, ќе одговара ако има каква било вина – рече Мицкоски.
Кривична одговорност, според него, ќе има за сите и не треба да се шпекулира.
– Кривична одговорност ќе има за сите. Ако е потребна морална или политичка, удрете на мене. Јас сум тука, јас ќе се сносам со сиот предизвик, но прво ќе ги поразам како што многу пати сум ги поразил, а потоа, на избори, граѓаните ќе судат дали и кој треба да сноси одговорност. Само ве молам да не шпекулираме, да не креираме информации што немаат никаква врска со вистината. Свети ВМРО да е, ако направил грешка, ќе одговара. Тоа сме го покажале и докажале во овој период – порача Мицкоски.