Свети Климент Охридски, светител по кој се препознава македонскиот народ

81

Македонската држава, православните верници насекаде низ светот, го чествуваат големиот светител кој со свето дело станал светилник на македонскиот народ но и на сето словенство. Свети Климент Охридски е најпознатиот меѓу повеќето ученици на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, првиот македонски и словенски хиротонисан епископ, творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, најзначајниот македонски средновековен писател и педагог, кој со своето дело на повеќе полиња стана значаен и за македонскиот народ и за голем дел од христијанскиот свет. Воспоставената Светиклиментова традиција во Македонија почнала да еманципира своевидна генеза од која проникнало сопствено словенско себепрепознавање и себеидентификување во доживеан македонски словенски колективитет.

 

На сите им стана сè, со своето дело го урна ѕидот на незнаењето… пишува во Житието посветено на Свети Климент Охридски, најпознатиот меѓу повеќето ученици на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, првиот македонски и словенски хиротонисан епископ, творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, најзначајниот македонски средновековен писател и педагог, кој со своето дело на повеќе полиња стана значаен и за македонскиот народ и за голем дел од христијанскиот свет. Македонската држава, православните верници насекаде низ светот, го чествуваат големиот светител кој со своето дело станал светилник на македонскиот народ, но и на сето словенство. А големото и разновидно дело е она по што тој се препознава и коешто веќе е вселено во историјата и кое најмногу се запишувало во житијата посветени на светителите. Оттаму, и ден-денешен за него се знаат многу малку биографски податоци. Не се знае кога е роден, каде се школувал, кои се неговите родители и слично. Само се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Во Пространото Климентово житие пишува: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител“. Поради оваа блискост со свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичко-брегалничката област каде што со словенското кнежество управувал свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид, или пак, со помала веројатност од Солун. Секому е позната големата, дваесетгодишна, Моравска мисија, во која Климент заедно со Наум им помагале на солунските браќа во просветлувањето на словенските народи. Таа мисија, се чини била и решавачка за младиот Климент кој учествува во преводите на библиските и литургиските текстови, каде што се здобил со огромно знаење кое ќе биде темел на неговото подоцнежно големо животно дело.

Најистакнат ученик и следбеник на св. Кирил и Методиј

Професорот Илија Велев од Институтот за македонска литература наведува дека во духовната и во културната меморија, св. Климент Охридски е засведочен како најистакнат и најдоследен ученик или следбеник на св. Кирил и Методиј.

-Како таков станал продолжувач и поттикнувач за развојот на изворните кирилометодиевски мисионерски идеи при натамошната афирмација на словенската богослужба, писменост и просветителство. Без улогата и придонесот на св. Климент и на формираната од него Охридска духовна и книжевна школа, натамошниот тек на словенскиот духовен и просветителски развој ќе бил принуден да се пролонгира и да сочека нови историски околности во некои идни времиња за конечна афирмација на третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската, веднаш по византиската и по римолатинската. На тој начин епохалното дело на св. Климент станало историска последователност на процесот што кирилометодиевската сесловенска мисија до крај не ги исполнила црковнополитичките и културноисториските очекувања на византискиот  Константинопол и на папата во Рим. Токму од тие причини и воспоставувањето на светителскиот култ за св. Кирил и Методиј тесно се поврзал со афирмацијата на култот за св. Климент по неговата смрт на 27 јули/9 август 916 година, а со истиот празничен датум за неговата слава и спомен се мобилизирал и заедничкиот словенски просветителски култ за светителската група Седмочисленици – светите Учители и нивните свети Ученици, објаснува професорот Велев за ВЕЧЕР.

Ја основал Охридската книжевна школа

Свети Климент Охридски е и придружник на светите Методиј и Кирил во 868-869 година во Рим каде што бил сведок на благословот и потврдата на делото на неговите учители и бил ракоположен во свештенички чин. Таму, тие со себе ги понеле и моштите на римскиот папа и маченик свети Климент, кои ги пронашол свети Кирил, и се претпоставува дека при ракополагањето на свети Климент во свештенички чин можно е да го добил името во спомен на светиот папа Климент. По упокојувањето на свети Кирил во 869 година, свети Климент и другите негови собраќа заедно со свети Методиј повторно се вратиле во Моравија. Тука продолжиле да ја извршуваат мисијата под раководство на сега веќе архиепископот Методиј сè до неговата смрт. На теренот на оваа словенска земја се изодени првите чекори на словенската богослужба и писменост, откако пред тоа свети Кирил ја создал словенската азбука – глаголица. По смртта на свети Методиј во 885 година за неговите ученици започнале деновите на прогон и мачеништво. Тие биле протерани и Свети Климент доаѓа во охридскиот регион, во областа Кутмичевица каде го започнал најплодниот дел од својот живот. Во Охрид, како еден од најистакнатите ученици на светите Методиј и Кирил, тој ги поставил основите на старомакедонската-словенска писменост, одејќи по стапките на своите духовни отци, проповедал и богослужел на разбирлив народен јазик. За таа потреба подигнал цркви и манастири и ја основал Охридската книжевна школа во која поминале околу 3.500 ученици кои биле оспособени за црковни служби, а тој станал и главен организатор и претставник на Охридската школа. Така, Охрид станал црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Главна дејност на Климент била просветлување на народот и негово припојување кон Христа.

– Во историски и цивилизациски контекст е важно што по крахот на Моравската словенска мисија во 885 година св. Климент дошол или се вратил во Македонија на терен со ранохристијанска традиција, каде што можел да го продолжи сесловенското просветителство во услови на независна црковнополитичка положба: еднакво дистанцирана од Константинопол и од Рим. Уште во периодот при подготовките за кирилометодиевската сесловенска мисија изворно се користеле македонските словенски говори од околината на Солун, врз чија основа се кодифицирал општиот словенски богослужбен и книжевен јазик – а и врз тамошниот македонословенски гласовен систем се устроила словенската фонетска азбука – глаголицата. Затоа и продолжувањето на изворната кирилометодиевска просветителска дејност од св. Климент влијаело да се еманципира нова словенска духовна и цивилизациска ренесанса во Македонија, од која проникнале самостојни словенски форми за афирмативно произнесување на верата и на културата. Притоа дејноста на св. Климент Охридски историски го продлабочило чувството меѓу тогашното македонско население за самостојно издвојување од феноменот на глобалниот византиски свет, но и за спуштање на историската завеса пред меморијата за домицилното класичномакедонско идентификување. Едноставно, воспоставената Светиклиментова традиција во Македонија почнала да еманципира своевидна генеза од која проникнало сопствено словенско себепрепознавање и себеидентификување во доживеан македонски словенски колективитет. Оттука и во нашата современа цивилизациска свест се наталожило чувството дека како Македонци сме словенски народ, со словенска духовна, културна и писмена традиција, објаснува професорот Велев.

По седумгодишната учителска дејност, во 893 господово лето, Свети Климент бил поставен за епископ велички и станал прв словенски епископ во чија епископија се богослужело, се проповедало, се читало и се пишувало на старомакедонски словенски јазик. Организирајќи ја својата епископија, станал организатор на црквата кај нас, со наша народна јерархија, тој во Охрид ги поставил темелите за подоцнежната Охридска архиепископија, од која произлезе Македонската православна црква – вистинската и доследна нејзина наследничка и продолжителка на Сетиклиментовото дело. По негово востоличување за епископ Велички во 893 година покрај него доаѓа неговиот собрат свети Наум, неговиот достоен помошник, придружник и соподвижник, и тој го презема раководењето со Охридскиот книжевен центар при што секогаш со заеднички сили дејствувале.

Учениците од ова школа подоцна во групи од по 300 биле распоредени низ целата епархија. Едни од учениците биле ориентирани кон црковна дејност, други кон книжевна. Се препишувале и преведувале богослужбени книги, но и се создавале оригинални дела кои претставуваат класични творби на старата црковнословенска литература. Најмногу стари ракописи со црковни служби потекнуваат од Македонија и носат белези карактеристични за Охридската книжевна школа која црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Доказ за тоа се најстарите зачувани словенски ракописи од крајот на 10. и почетокот на 11. век, пишувани на глаголско писмо: Маринско и Зографско евангелие, Синајски псалтир и Синајски евхологиј, Македонски листови, Асеманово евангелие и др. кои потекнуваат од оваа школа. На Свети Климент му се припишуваат опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници , за други празници на апостоли и маченици како и повеќе пофални слова за христијански светители. Свети Климент и неговиот универзитет, практично, станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и со што се издигнала во Европа третата – словенската јазично-културна цивилизација.

Јасна одвоеност на средновековната традиција меѓу Македонија и во Бугарија

Со таквиот однос тој со право се смета за еден од првите, најистакнати, најнадарени и најплодни писатели на старата словенска литература. Благодарение на делото на свети Климент и на свети Наум, во православните словенски земји црковно-словенскиот јазик останал како заеднички јазик, сè до создавањето на современите словенски јазици. Но, големината на неговото дело во денешно време предизвикува и обиди за неговото присвојување при што Свети Климент Охридски, како и светите Кирил и Методиј се третораат како „старобугарски словенски  просветители“…

-Култот и просветителското дело на св. Кирил и Методиј и на св. Климент Охридски имаат општоцивилизациски вредности во втемелувањето и во афирмацијата на словенската духовна и културна традиција кај сите словенски народи. Затоа, од современа дистанца е беспредметно истакнатите сесловенски просветители да се присвојуваат како извор од кој ќе се напојува само една, условно – национална духовна и културноисториска традиција. Во последните децении откако руската палеославистика е дистанцирана од доминацијата врз славистичката наука, почна сѐ појасно да се демистифицира хегемонистичката атрибуција „старобугарска“ за кирилометодиевската и за светиклиментовата старословенска духовност, култура и писменост. Следствено и сѐ почесто во поновите истражувања  кирилометодиевистиката се проследува преку глобалните цивилизациски процеси. Тоа овозможува поевидентно да се релативизираат произволните и национал-романтичарските толкувања на содржините од култно- легендарните житиеписни извори, кои се приспособувале кон византиските црковнополитички интереси во диецезата на Охридската архиепископија. Истражувањата докажуваат дека по Преславскиот собор во 893 година Светиклиментовата словенска црковна диецеза позиционирала независен јурисдикциски статус во однос на новоформираната Преславска словенска црква. Истовремено, Охридската духовна и книжевна школа продолжила да ја афирмира изворната кирилометодиевска богослужбена и просветителска традиција, подредувајќи го Преславскиот духовен и книжевен центар во периферна позиција на влијание кон другите средновековни словенски традиции. Токму и во тоа лежи историската потврда на јасната одвоеност меѓу средновековната духовна и културна традиција во Македонија, наспроти она во Бугарија, потенцира професорот Велев за весникот ВЕЧЕР.

На епископската должност Свети Климент Охридски останал 23 години. Потоа, во 916 година, шест години по упокојувањето на свети Наум, и тој починал за да, потоа, неговите чудотворни мошти долги години почиваа во некогашниот храм на Пресвета Богородица, а во 2002 година беа пренесени во обновената црква на Плаошник посветена на Свети Пантелејмон каде што почиваат денес. А и по неговата смрт Охридската книжевна школа го задржува доминантното место во развојот на македонската писменост и нејзиното влијание се чувствувало со векови не само во Македонија туку и кај другите јужнословенски народи, а што неговото дело се раширило и надвор од македонските граници и добило сесловенски карактер. Со тоа Свети Климент Охридски стана светител по кој се препознава македонскиот народ. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ