Со благослов на игуменот на хиландарскиот манастир, архимандрит Методиј, во Скопје, од Хиландар во Грција, пристига иконата на Пресвета Богородица Троеручица. По тој повод, утре попладне во 17 часот Скопската епархија на МПЦ – ОА организира свеченост на иконата во храмот посветен на рождеството на Пресвета Богородица. Иконата ќе ја пречека архиепископот охридски и македонски, Стефан, заедно со архијереите, свештенството и верниот народ на МПЦ. По вечерната богослужба и откако ќе биде осветена, ќе тргне литија со иконата во центарот на Скопје. Голем број верници ќе имаат можност да се поклонат пред чудотворната икона на Пресвета Богородица Троеручица

 

Во предвечерието на големиот христијански празник Рождество на Пресвета Богородица, познат меѓу народот како Мала Богородица, со благослов на игуменот на хиландарскиот манастир, архимандрит Методиј, во Скопје, од Хиландар во Грција, ќе пристигне иконата на Пресвета Богородица Троеручица.

По тој повод, Скопската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија утре во 17 часот организира свеченост на иконата во храмот посветен на рождеството на Пресвета Богородица. Иконата ќе ја пречека архиепископот охридски и македонски, Стефан, заедно со архијереите, свештенството и верниот народ на МПЦ. По вечерната богослужба и откако ќе биде осветена, ќе тргне литија со иконата во центарот на Скопје. Голем број верници ќе имаат можност да се поклонат пред чудотворната икона на Пресвета Богородица Троеручица.

– Радувајќи се сега поради доаѓањето на оваа икона во нашиот град, уште повеќе да се радуваме затоа што отсега, по благослов на Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, секој четврток пред новата икона ќе се служи Акатистот на Пресвета Богородица, односно верниот народ ќе се збира за да ѝ пее: „Радувај се“ на онаа којашто на душите пристан им приготвува, на онаа којашто е преслатко молитвено кадење, на онаа којашто е на сиот свет очистување, на онаа којашто е Невеста неневестна – изјавија за весникот ВЕЧЕР од Скопската епархија.

Како е настаната оваа света и чудотворна икона на Пресвета Богородица? Нејзините исцелителни моќи се многупати досега докажани и запишани како сведоштво.

Според пишаните документи иконата најпрвин му припаѓала на свети Јован Дамаскин, кој живеел во VIII век по Христа. Во тоа време, Дамаск бил дел од исламската држава – Омејадскиот калифат, а Јован бил службеник кај калифот. Кога се појавила во соседното христијанско Источно Римско Царство ереста на иконоборството, тогаш Јован Дамаскин се покажал како ревносен заштитник на светите икони.

Поради тоа, бил наклеветен за божемно ковање заговор против калифот, поради што, како казна, му била отсечена десната рака. Но, Јован измолил од калифот да му ја дадат отсечената рака и откако ја добил, се молел пред иконата на Пресветата Богомајка за исцеление. Молејќи се долго, Јован заспал пред неа. На сон му се јавила Богомајката и му ја вратила отсечената рака на местото каде што била пресечена, оставајќи само видлива лузна на кожата, како сведоштво за чудото. Од благодарност за исцелението, светиот Дамаскин изработил дланка од сребро и ја додал на иконата, која оттогаш е наречена „Троеручица“ (или „Трирачица“).

Кога го виделе чудото, од калифатот сфатиле дека бил лажно обвинет и сакале да го задржат на местото каде што претходно службувал, но тој избрал да замине во манастир, каде што се замонашил и постојано ја имал со себе.

Подоцна, чудотворната икона ѝ ја подарил на црквата „Света Богородица Троеручица“ во Скопје и оттаму храмот и градот ја имале како заштитничка. Каде точно се наоѓала таа црква, не е познато. Постојат повеќе теории. Едната е дека црквата била на самото Кале, втората – дека била помеѓу Калето и реката Серава, некаде во денешната Чаршија, третата – дека била токму на местото каде што се наоѓа денес храмот „Рождество Богородично“, а не е исклучено храмот да бил на сосема четврто место.

Во текот на отоманската инвазија, некои христијани, кои сакале да ја заштитат иконата, од Скопје на магаре ја однеле до Атос и магарето застанало токму пред манастирот Хиландар. Монасите ја ставиле иконата во манастирската соборна црква. За време на нередите поради изборот на игумен, Богородица застанала на чело на манастирот и од тоа време нејзината света икона е на игуменското место во храмот. Оттогаш во манастирот Хиландар се избира само заменик и монасите земаат благослов од иконата за секое свое послушание.

(С.Бл.)