Многу популарната македонска (секси) пејачка и одлична интерпретаторка на големиот хит „Бум, бум, бум“, Сузана Гавазова, за жал не направи музички-бум, бум за Нова година во далечната Америка. Како што стојат работите, можеби, нема да пее ни за претстојниот православен Божиќ.
– Со грутка во грлото го зборувам ова. Навистина ми е многу, многу жал. Се радував како мало дете што ќе ја дочекам Новата година со моите луѓе, кои ја сакаат мојата музика – објасни Гавазова, која требаше да замине за Америка (и да настапи за пречекот во црквата „Свети Никола“).
Гавазова тажно им се обрати на своите обожаватели преку “Големата бара“. – Не чекајте ме, не доаѓам, тоа е некоја виша сила.
Знам дека салата е веќе преполна, според продадените билети. Многу го почитувам тоа. Организаторите од црквата „Свети Никола“ дадоа сè од себе, исто така и ние одовде од Македонија, за да допатувам во Америка. Но, едноставно се случи нешто што никој сега не може да го објасни. Како што кажувам, не сум дефинитивно одбиена, но мојата виза за влез во Америка, доцни! Немам среќа овој пат да се дружам со моите пријатели во Америка.
Од сè срце ви посакувам да ви е среќна новата 2025 година и сите други празници! Ако имаме среќа, ќе се видиме и ќе пееме за и Божиќ и за Стара Нова година. Но, доколку не се случи и тоа, да сме живи и здрави – порача Гавазова, која не ја губи надежта дека ќе ѝ излезат американските власти во пресрет. Д.М./фото:ФБ