Судскиот совет, каде што Елведин Ферати го поминал интервјуто во 2020 година и бил избран за судија во Основниот суд во Тетово, денеска информираше дека ќе ја разгледа пресудата со која Ферати му изрече две години затвор на обвинетиот возач Менсур Пајазити за сообраќајката во која ја прегази младата Теодора Ристевска, и предизвика лавина од реакции во јавноста.
– Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти, ќе реагираме. Доколку е сè во ред, ќе соопштиме – изјави претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
Весникот ВЕЧЕР ги разгледуваше јавно достапните документи на страницата на Судскиот совет поврзани со името на судијата Ферати и заклучи дека станува збор за судија што бил оценет позитивно за својата работа, но со најмалку бодови во споредба со колегите од Тетовскиот суд. Судскиот совет, според записниците, му исплаќал и патни трошоци на негово барање, бидејќи живел во Боговиње, а работел во Тетово. Судскиот совет го избрал за судија во 2020 година, во време на претседателствување на судијата Киро Здравев.
Пишува дека при мониторингот направен таа година од Институтот за човекови права, при изборот на судии меѓу кои бил и Ферати, бодовите од спроведените интервјуа во Судскиот совет не биле специфицирани и дека не бил достапен записник.
– Образложението за избраниот кандидат не содржи податоци за самото интервју, туку се повикува само на претходното искуство на кандидатот, иако во случајов интервјуто игра клучна улога во рангирањето на кандидатите – констатирал тогаш ИЧП.
Ферати дошол на судиската функција од редот на шестата генерација од Академијата за судии и јавни обвинители во времето на директорување на Анета Арнаудова. Арнаудова, на почетокот од обуката во 2017 година, им порачала на слушателите да бидат етични, свесни и професионални судии од европски профил, а седејќи во првиот ред, пораката ја слушал тогаш младиот дипломец со просек 8.20 на Тетовскиот универзитет.
Обвинителството вчера го затвори предметот што беше отворен по пријава на Просветниот инспекторат дека Ферати го лажирал просекот со цел да се запише на Академијата, која е услов за станување судија. Имал успех 7.88, а со пречкртување на оценките, просекот го искачил на 8.20. Обвинителството ја затвори истрагата минатиот месец, а во меѓувреме, од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Ферати завршил и Академија и ја ставил судската тога.
Професорот Тони Десковски напиша на својот ФБ-профил дека случајот „Ферати“ е производ на лошото законско решение од минатото, кога постоела законска можност, сега веќе не, за преполагање на испити за оние што веќе ги завршиле студиите.
– Можност да се преполагаат испити и вештачки да се зголеми просекот, ама да не се загуби веќе стекнатата диплома. Прекуноќ слабите студенти со низок просек стануваа „солидни“. Сега се соочуваме со последиците од таквото законодавно самоволие. Во државната администрација и во правосудството ни се инфилтрирале овие солидни експерти. И сè е по закон – напиша Десковски.
Додека се чекаат реформите во правосудството, довербата во правната држава е на стаклени нозе.
– Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека ќе ми се налути некој, ќе излезат и такви полноглавци што ќе ме критикуваат по ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда – рече Мицкоски по конститутивната седница на меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
За слабостите во водењето на судската постапка во случајот со сообраќајката во која загина Теодора, реагирал и Врховниот суд и не само на првостепената пресуда туку и на одлуката на Апелациониот суд во Гостивар, кој постапувајќи по жалба, ја намалил казната за возачот Пајазити. Врховниот суд вели дека и тројцата апелациски судии од Гостивар направиле суштински повреди на постапката, па ја укинал и нивната пресуда и го вратил предметот на повторно судење. На повторното судење на 7 април годинава, Пајазити доби две години казна затвор и предизвика лавина од реакции јавноста. (П. А.)