Судскиот совет и судиите од Тетово застанаа зад пресудата на Ферати, одлуката е законска

Семејството на Теодора се сомнева на политика, мито и корупција

495

Судскиот совет  преку соопштение ја информираше јавноста дека го разгледале предметот за сообраќајката во која загина младата Теодора од Тетово и сите судиски постапувања, на Основниот суд Тетово, Аплеацискиот во Гостивар и Врховниот во Скопје каде што се жалел обвинетиот Менсур Пајазити. Од информацијата не можеше да се сфати мислењето на Судскиот совет за пресудата на судијата Елведин Ферати, но по кусиот пасус на крајот се заклучува дека тоа е во корелација судиската одлука

„Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција, стои во информацијата на Судскиот совет

Претходно преку отворено писмо до јавноста семејството за загинатата Теодора Ристовска искажа надевање дека Судскиот совет адекватно ќе постапи во врска со скандалозната и срамна одлука на тетовскиот судија Елведин Ферати кој во понеделникот го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Теодора од Тетово.

„Имаме сомнеж како семејство дека зад оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. И натаму силно ќе се бориме за правда за Теодора. Исто така, јавно сакаме да прашаме зошто иницијативи како ‘Кој е следен’ немаат покажано никаков интерес за нашиот случај, а наводно се борат против трулиот и корумпиран систем. Ги немаше ниту на последното рочиште кога се изрече скандалозната одлука од само две години затвор за убиецот на Теодора. Сметаме дека е доста од лажни иницијативи со скриени агенди каде жртвите се само средство за постигнување на туѓи цели“,пишува семејството во отвореното писмо.

И судиите од тетовскиот суд преку соопштенија до медиумите застанаа зад својот колега Ферати. Образложувајќи го судиското постапување сметаат дека била изречена максималната затворска казна за обвинетиот. „Имајќи ја предвид забраната за менување на полошо (Reformatio in peius) како начело предвидено во ЗКП, во ситуација кога по барање на обвинетиот, Врховниот суд ги укинал пресудите и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно одлучување и поради оваа забрана новата пресудата не смее да се измени на штета на обвинетиот ниту во однос на правната квалификација на делото, ниту во однос на кривичната санкција, стои во соопштението на судиите од Основниот суд во Тетово кои сметаат дека колегата Ферати постапил по закон и нападите против него се неосновани.

Пресудата на судијата Ферати од две години затвор за обвинетиот Менсур Пајазити кој на пешачки ја прегази младата Теодора во 2022 година, предизвика лавина реакции во јавноста, особено по се зачестените сообраќајки со жртви и слабата казнивост од страна на правосудните органи. По сообраќајката на 22 годишната Фросина на Партизанска и протестите од граѓаните што следеа пред надлежните институции Владата најави дека ќе се заоструваат казните во законите за сообраќајот.(П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ