Судскиот совет го определи судијата Џемали Саити за в.д. претседател на Врховен суд

31

Судскиот совет на денешната седница со 10 гласа „за“ и два „против“ го определи судијата Џемали Саити за в.д. претседател на Врховниот суд, до изборот на новиот претседател за што постапката е во тек. Саити ќе ја врши функцијата од 13 март.

Како што беше посочено, согласно евиденцијата со која располага Судскиот совет, на актуелната претседателка на Врховниот суд Беса Адеми и престанува мандатот на 12 март годинава, а во тек е постапка за избор на нов претседател на Судот која се уште не е завршена, поради што е потребно да се изврши избор на вршител на должноста претседател на Судот.

Ханиф Зендели го предложи Саити за в.д. претседател на Врховниот суд од причини што актуелната претседателка Беса Адеми и Ариф Фидани се кандидати за претседатели на овој Суд, па смета дека тие не би требало да бидат именувани за вршители на должност со цел да не се сфати дека некој од нив се фаворизира за понатамошниот тек од постапката.

Претседателот на Судски совет Александар Камбовски за в.д. ја предложи актуелната претседателка на Врховниот суд бидејќи според него таа добро ја извршувала функцијата и смета дека не би имало некоја пречка да продолжи како в.д. до изборот на новиот претседател на овој Суд.

Членот на Судскиот совет Весна Дамева побара и беше изземена да постапува по оваа точка поради, како што наведе, исклучување на можност за судир на интереси, бидејќи пред Врховен во тек е постапка за фирма во која одговорно лице е нејзиниот сопруг, а во која учествува Совет од пет судии, можно е да се најде како предлог и еден од тие судии кои постапуваат во овој предмет.

Поради исклучување судир на интереси, Дамева побара да биде сменета и од местото член и претседател на Комисијата за избор на претседател на Врховниот суд. На нејзино место е именувана Тања Чачарова Илиевска.

ИЗДВОЕНИ