Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, објави видео од потрага по дрвокрадци на терен на Скопска Црна Гора (во близина на границата со Косово) и порача дека и покрај тоа што поднеле бројни пријави против крадците, кои се враќаат и продолжуваат со крадењето дрва, тој е дециден дека нема да се откажат и ќе продолжат да ги фаќаат со цел да го спречат пустошењето на планините. Според него, пустошењето на Скопска Црна Гора значи и загаден воздух во Скопје, затоа што тоа е еден од сегментите што влијаат на аерозагадувањето
Заплена на бесправно исечено огревно дрво од непознат сторител. Со ваква реченица сè почесто почнуваат соопштенијата на Министерството за внатрешни работи и на ЈП „Национални шуми“, дека во организирана акција со Шумската полиција, буквално секојдневно се води борба со дрвокрадците, кои ги пустошат шумите секаде во државата.
Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, објави видео од потрага по дрвокрадци на терен на Скопска Црна Гора (во близина на границата со Косово) и порача дека и покрај тоа што поднеле бројни пријави против крадците, кои се враќаат и продолжуваат со крадењето дрва, тој е дециден дека нема да се откажат и ќе продолжат да ги фаќаат со цел да го спречат пустошењето на планините.
– Завршивме голема заедничка акција на Скопска Црна Гора – ЈП „Национални шуми“, Шумската полиција и ЈП „Македонија пат“. Веќе неколку месеци, нашите служби се тука и, со Шумската полиција, секојдневно се борат со шумската мафија. Но и покрај тоа што многу добро ги знаеме сторителите, и покрај тоа што многупати ги имаме фаќано и имаме поднесувано по десетици пријави, судот не наоѓа начин трајно да ги осуди, т.е. отстрани, туку повторно и повторно се оставени да пустошат по планините – вели Михаилов.
Тој посочи дека, на Скопска Црна Гора, се врши огромна бесправна сеча од групи што им се многу добро познати.
– Тука наидовме на нешто што е пустошено со децении. Ова е хаос што некој сакаше да го продолжи. Во изминатите месеци, заедно со Шумската полиција и со МВР се обидовме да ја спречиме оваа шумска мафија, меѓутоа и покрај тоа што често нашите акции се успешни и имаме процесуирано по триесет пријави за одредени лица, за жал, тие сè уште се на слобода и го прават тоа што го правеле – кажува тој.
Михаилов посочи дека има вакви дејства не само на Скопска Црна Гора туку и близу границата со Бугарија, но и со Албанија, како и во внатрешноста на државата.
– До кога вака? Ние ги фаќаме сторителите, ама нашите ресурси се ограничени. Тие оперираат со евтини возила, кои чинат од 300 до 500 евра и не им е проблем да удрат во наше службено возило и да нè оневозможат да доаѓаме потоа. Пред извесно време, беше опожарено службеното возило на Шумската полиција во Охрид. Сторителот е фатен и го призна делото, условно е осуден и дури не е побарано од него да ја плати штетата за возилото. Сега, во моментов, Шумската полиција во Охрид нема возило, а сторителот е на условна слобода. Пред неколку дена, беше опожарено возилото на нашиот директор во подружницата Караџица, од исти такви групи, кои употребуваат секакви методи. Што треба да направат тие луѓе за судот да најде начин да ги спои сите тие пријави и, конечно, да ги стави зад решетки? – прашува Михаилов.
Според него, пустошењето на Скопска Црна Гора значи и загаден воздух во Скопје, затоа што тоа е еден од сегментите што влијаат на аерозагадувањето.
– Уништувањето на шумите значи убиство, бидејќи аерозагадувањето нè убива полека, ден по ден. Сите институции треба да се вмрежат и заеднички да најдат решение за проблемот, бидејќи, во спротивно, тој сè повеќе ќе расте. Ресурсите ни се такви какви што се, и да вклучиме камери и дронови… сепак, наша задача е да ги фатиме сторителите. Но, прашање е што ќе направат понатаму обвинителството и судот – дециден е Михаилов.
Со цел да се спречи целосното опустошување на шумата на Скопска Црна Гора, се спроведе акција со багер на ЈП „Македонија пат“, при што беа ископани ровови на дивите премини за да им биде оневозможен пристап на дрвокрадците со моторни возила.
– Денес сме тука, утре ќе бидеме каде што ќе биде потребно. Затоа им порачувам: криминалот ќе им стане неисплатлив. Ова е секојдневна борба и може да дојде до несакани последици – констатира Михаилов.
Зелените од Гази Баба посочуваат дека Скопска Црна Гора е една од уништените шуми од таа шумска мафија.
– Триесет години, активисти, граѓани и мештани апелираат за овој проблем. Апсени се и по 30 пати и веднаш ослободувани за и понатаму да продолжат со сечењето на нашите шуми. Запалени возила, закани, а имаше и повредени и убиство, но ништо не значи тоа за судовите – нагласуваат зелените од Гази Баба.