На Ратко Капушевски, Адриан Муча и Ерџан Сулкоски им е определен притвор, соопшти кривичниот суд во Скопје. Притворот е определен поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.
Капушевски и Сулкоски се сопственици на РКМ, компанијата преку која се одвиваа набавките на мазут за ТЕЦ Неготино во вредност од над 167 милиони евра и кои според обвинителството се доделени и реализирани преку злоупотреба, а има и случај на перење на пари.
Муча е поранешен директор на сектор во ЕСМ.
За Асмир Јахоски (сопственик на Пуцко петрол и син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски) е определен куќен притвор откако обвинителот го преиначил барањето и се откажал од најстрога мерка за обезбедување на присуство.
На останатите 7 осомничени им се определени мерки на претпазливост. 11-мината меѓу кои Капушевски, основачот на РКМ и сопственикот на Пуцко петрол, Асмир Јахоски се осомничени за злоупотреби при милионската набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Осомничен, но во бегство е и Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ.
Соопштение на Кривичен суд-Скопје:
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определуваме мерки притвор и мерки за обезбедување присуство против 13 лица, поврзани со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а кои дел беа спроведени во судот во попладневните часови, донесе решенија со кои:
По произнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка.
За останатите 7 осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решени за определување на мерки за претпазливост.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.