Основниот Кривичен суд Скопје го уважи барањето за амнестија на обвинетите за случајот „Организатори на 27 април“ и ги ослободи ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Судот донесе решение со кое барањето за амнестија на обвинетите се уважува и се запира постапката за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност. Расправата е завршена, може да си одите, слободни сте, им рече судијата Илија Трпков на обвинетите
Во Kривичниот суд во Скопје се одржа последното рочиште за случајот „Организатори на 27 април” на кое судијата Илија Трпков констатираше дека Судот со одлука ја прекинува постапката против четворицата обвинети, која во овој суд се водеше по вторпат. Повикувајќи се на упатствата на Апелацискиот суд со кои се укина претходното првостепено решение и предметот се врати на повторно судење, како и на мислењето на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, од каде што со допис во декември лани го известил Судот дека се согласни Законот за амнестија од 2018 година да важи и за овие обвинети, судијата Трпков го уважи барањето за амнестија на обвинетите и ја запре кривичната постапка за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност. Судијата Трпков досега двапати одлучуваше дека амнестијата не ги опфаќа овие обвинети, но Апелација бараше и по третпат да се произнесе, а случајот доби нов тек откако обвинителството за организиран криминал даде позитивно мислење.
–Лично и како совет, сè уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот беше во никој случај организаторите да не се амнестираат. Но, во Законот за амнестија во одредбите, има еден сврзник „или” и едно „а”, според кој Јавното обвинителство и Апелација сметаат дека овие обвинети не се лица кои постапувале спротивно на службените овластувања при вршење на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок“, рече судијата Илија Трпков.
–Имајќи го предвид наведеното, на крајот ќе произлезе дека осудените лица за настаните од 27 април, сами се организирале, сами размислиле дека треба да влезат во Собранието, да кршат и тепаат. На сите ни е јасно, а и на осудените лица во затворите – дека тоа не е така, дека некој ги организирал да влезат во Собранието. Инаку тоа не можеше да се случи. Не може да се пробие полициски кордон на кошаркарски натпревар, а не полициски кордон пред Собранието каде што полицијата беше подготвена за интервенција, коментираше судијата Трпков и нагласи дека предметот ниту паднал, ниту се докажало дека настаните во собранието се организирани, туку се побарало милост од државата за настаните.
На македонската јавност, нагласи судијата Трпков, ѝ е јасно за кого се носат и како се толкуваат законите. Сигурно не се толкуваат за оние осудени лица за настаните во Собранието кои се наоѓаат во македонските затвори.
–Некој овие осудени ги тапка по рамо и ги нарекува патриоти и им кажува приказни, овие лица уверен сум дека се патриоти но за кршењето на законодавниот дом и тепањето национални претставници не може да се каже дека е патриотски, туку срамен чин. Тие во конкретниов случај се лица кои се искористени и изманипулирани од некој заради политички цели. Сигурен сум дека оваа одлука ќе побуди силни чувства кај нив, како што побуди и кај овој Совет, но за настаните во законодавниот дом наведнете ја главата и побарајте прошка од државата како што го направија овие обвинети тука (мислејќи на ослободените за организирање на настаните). Не дозволувајте некој повторно да ве манипулира. Државата се сака со разум, работа и почитување на институциите, порача Трпков.
Според адвокатот Еленко Миланов, Законот за амнестија е јасен и дециден и не важи за оние кои постапувале како организатори по сосема друга правна квалификација, а тоа е правната квалификација од член 324, додека во однос на сите оние за кои постои правна квалификација од членот 313, како терористичко загрозување на уставниот поредок се наведени точно исклучоците за лица со оружје, лица со прикриен идентитет и лица кои употребиле насилство во самото Собрание.
– Затоа и сите мои претходни изјави беа во насока дека овој предмет во однос на дел од лицата кои ги застапував и чиј сум бранител, не можеше и не смееше ниту да биде поведено, ниту да биде одобрен обвинителниот акт, ниту да стапи на сила и да трае сите овие години, изјави Миланов. Одбраната го повика Јавниот обвинител да истражи кои се вистинските организатори за настаните од 27 април.
Обвинителство на претходното рочиште до Судот достави мислење дека кај тројца од обвинетите односно за Јанакиески, Вељановски и Ристовски, законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет, Атанасовски, не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата, која ја дал законодавецот со своето законско решение. Во доставеното мислење до Основниот кривичен суд Скопје од ОЈО ГОКК за примената на Законот за амнестија во случајот „Организатори на 27 април“, се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, особено ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани. Како што соопштија тогаш од Обвинителството, мислењето е донесено врз основа на ставот на Стручниот колегиум на Јавното обвинителство, по напатствија на Апелацискиот суд Скопје. Дополнуваат дека ваквото мислење јавниот обвинител детално го образложил, пред сè имајќи ги предвид обележјата на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок“ и својството во кое секој од обвинетите ги исполнил тие обележја, а кое својство е клучно за оценка дали може или не може да се примени институтот од Законот за амнестија.
Со претходната пресуда од Кривичен, за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор. Апелацискиот суд во април 2023 ја укина пресудата и наведе дека биле занемарени приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот кој беше донесен во Собранието за настаните од „крвавиот четврток“.(П.А)