Судскиот совет по спроведената контрола во Основниот и Апелацискиот суд во Скопје за предметот на Васил Јованов, утврди дека законот не бил прекршен при неговото санкционирање во случајот во кој му се судело за дрога. Јованов е осомничен за прегазувањето на Фросина Кулакова на бул. „Партизански одреди“ во Скопје.
Како што беше соопштено на седницата, членови на Судскиот совет ги посетиле Кривичниот и Апелацискиот суд во Скопје, при што извршиле увид во предметите и разговор со судијата Даниела Алексовска-Стојановска и судијата Тања Милева од Апелацискиот суд Скопје.
– Во просториите на Основниот кривичен суд Скопје е извршен разговор со судијата Даниела Алексовска-Стојановска и на прашањата кои беа актуелни во јавноста ни даде одговор дека нејзиниот сопруг работел во иста фирма „Искрател“ со мајката на обвинетиот од 2003 до 2008, во океански систем со 70 вработени, се познавале, но не биле пријатели, ниту куќни пријатели, ниту пак таа лично ја познавала мајката на обвинетиот. Во однос на издадениот деловен објект на партијата СДСМ во Ранковце, судијката ни појасни дека бил издаден од страна на нејзиниот татко многу одамна, а кој би починат од 2018 година, досега немале ништо променето во однос на тој договор за закуп, а моментално куќата се водела по една третина на судијата, нејзината мајка и сестра, информираше претседателката на Комисијата, Данка Ристова.
Комисијата, како што појасни, констатирала дека судијата Алексовска-Стојановска ја донела одлуката за изрекување заводска мерка согласно со Законот за правда на децата, во кој е регулирано дека за време на пресудувањето на полнолетно лице кое не наполнило 21 година може да му биде изречена заводска мерка ако со оглед на неговата личност и околностите под кои е сторено делото може да очекува дека со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекување на казната.
Апелацискиот суд Скопје на 7 февруари ја одби како неоснована жалбата на Васил Јованов за ова дело, а жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи и ја преиначи одлуката во затворска казна во траење од три години и десет месеци.