Уставните судии го одложија одлучувањето за уставноста на Законот за јазиците откако на вчерашната седница решија да се одржи подготвителна седница на која ќе ги слушнат мислењата на експертската јавност. Листата со учесници и спорните прашања што ќе бидат разгледувани на таквата седница ќе треба да ја направи судијата известител по овој предмет, Елизабета Дуковска, која ќе го предложи и датумот на одржување на седницата.
Ваквата одлука, меѓутоа, не ги убеди приврзаниците на ДУИ да ја распуштат „Стражата за јазикот“, која ја одржуваа неколку денови, пред влезот на Уставниот суд. Раководството на интегративците најави дека ќе продолжи престојот на партиските активисти пред службениот влез.
Во текот на седницата, пред влезот и во околината на Судот немаше инциденти, а објектот беше чуван од силно полициско обезбедување.
Судијката известител Дуковска, инаку, прва предложи да се одржи подготвителна седница откако уставните судии ја отворија расправата по првата точка од дневниот ред посветена на Законот за јазиците.
– Сметам дека имаме должност да ги увериме граѓаните во нашата непристрасност и да ги отфрлиме сите сомнежи што постојат во јавноста. Предлагам да се одржи подготвителна седница за овој предмет. Факт е дека одамна не сме одржале таква седница. Имаше една подготвителна седница за овој предмет, но на неа само се разгледуваше указот за прогласување на Законот за јазиците, но не и за содржината. Нема ништо да загубиме ако се одржи подготвителна седница – рече Дуковска.
Претходно, уставните судии ја започнаа седницата без присуство на двајцата судии од албанската етничка заедница – Осман Кадриу и Насер Ајдари. Судијата Фатмир Скендер, од турската етничка заедница, побара да се одложи предметот додека не се обезбеди присуство на двајцата отсутни колеги за Судот да „одлучува како едно семејство“. Тој наведе дека имало поранешен заклучок на Уставниот суд според кој треба да се разгледува овој предмет кога ќе биде комплетиран Судот со сите деветмина предвидени.
Но, судијката Добрила Кацарска и претседателот Дарко Костадиновски му објаснија дека таквиот заклучок се однесувал Судот, кој во тој период имал само петмина судии, да биде комплетиран со сите судии, но не и обврска на седницата да присуствуваат сите деветмина судии.
Потоа, на гласањето, предлогот на Скендер за повлекување на точката не беше прифатен од другите судии.
– Тогаш јас нема да учествувам во одлучувањето по предметот за Законот за јазиците, но ќе учествувам по другите точки од дневниот ред – рече Скендер, кој потоа ја напушти седницата.
Во продолжението на седницата, другите шестмина судии, со гласање 5:1, одлучија да се одржи подготвителна седница. Единствена што беше против седницата и што сакаше да се одлучува по предметот, беше судијката Добрила Кацарска.
– Нема потреба да се одржи подготвителна седница. Предметот е јасен. Судот е доволно транспарентен за својата работа. Со подготвителната седница нема да се добие ништо за транспарентноста. Кои се тие експерти кои ќе ни кажат нам дали е нешто уставно или не, тоа треба ние да го кажеме? Кој треба да ни каже дали со обичен закон може да се дерогира законот донесен со двотретинско мнозинство? Имаме и мислења од Венецијанската комисија, која вели дека ние треба да одлучиме, има и јасни препораки – објасни Кацарска.
Но, претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, и судиите Ана Павловска- Данева, Јадранка Дабовиќ и Татјана Васиќ- Бозаџиева беа за консултации со експерти.
– Јас сум поборник на подготвителни седници, треба да имаме расправа за содржината на Законот и таквата седница ќе ни помогне во должноста да ги увериме граѓаните во нашата непристрасност. Клучен е нашиот став по амандманот V во Уставот и какво толкување ќе дадеме за него – рече Костадиновски.
Судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева го поддржа предлогот за подготвителна седница и рече дека уставноста може да се оцени само преку аргументирана дебата.
– Законот за употреба на јазиците е предизвик за сите нас. Тој е прашање кое ги рефлектира нашите различности, но и нашата зрелост како општество. Употребата на јазиците не треба да биде причина за поделби, туку мост што нè обединува. Во анализата на Законот ќе се водиме од начелото дека сите граѓани се еднакви пред Уставот. Тоа значи дека правото на користење на мајчиниот јазик мора да се балансира со унитарниот карактер на државата. Тој баланс не е лесен, но е неопходен – потенцира Васиќ- Бозаџиева.
Според Ана Павловска-Данева, потребно е да се слушнат мислењата на експертите.
– Не е негативно ако јас сакам да ги слушнам експертите за оваа материја, да ги слушнеме нивните аргументи. Треба да ги слушнеме двете страни. Има, на пример, работи во Управното право што и јас не ги знам – рече Павловска- Данева.
По соопштувањето на одлуката на уставните судии, ексминистерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека одбиваат секакво продолжување на процесот за укинување на Законот за јазиците.
– Го осудуваме продолжувањето на седницата на Уставниот суд со моноетнички состав. Недозволиво е во мултиетничка држава највисокиот орган на државата да одржува седници со осетливи тема во моноетнички состав. Пораката од уставните судии од другите етнички заедници беше доволен знак седницата да прекине веднаш. Секогаш ваквите моноетнички седници биле најава за лоши периоди во мултиетничките држави. Одбиваме секаква одлука што значи продолжување на процесот за укинување на Законот за јазиците. Единствената одлука што Уставниот суд требаше да ги отфрли сите 13 точки. Продолжуваме со „Стражата на јазикот“ – изјави Османи.
Како што оценува, закажувањето подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците.
– Тоа го знаеме од начинот на кој постапуваше Уставниот суд по нарачката за укинување на правото на етничка идентификација, т.н. укинување на балансерот – кажа Османи.
Нешто по пладне, активистите, сепак, почнаа да ги демонтираат поставените шатори, по што е прашање како ќе продолжи одржувањето на „Стражата“ што го најави Османи.
Од коалицијата „Вреди“, пак, соопштија дека се потврдил нивниот став дека албанскиот јазик нема да се допре.
– Албанскиот јазик е и ќе остане составен дел од институционалниот живот во нашата земја, а коалицијата „Вреди“ ќе продолжи посветено да работи на заштита и гаранција на ова прав,о кое е неприкосновено. Кога рековме дека албанскиот јазик нема да се допре, така и се случи. Денеска, одовде порачуваме: албанскиот јазик ќе се унапреди уште повеќе, уште подобро и така ќе биде. Со зборови, но со конкретни дела, ве потсетуваме дека заштитниот столб на Албанците во Северна Македонија е коалицијата „Вреди“. Ние сме цврсто поставени на заштита и унапредување на правата на Албанците, кои може да бидат спокојни, бидејќи нема да дозволиме неколку луѓе кои крадеа и манипулираат да ја уништат иднината на цел еден народ – истакна Ријад Шаќири, пратеник од „Вреди“.
Од друга страна, албанскиот премиер, Еди Рама, вчера изјави дека, за него, е неразбирлив спор во македонскиот Уставен суд.
– Не велам дека грешат членовите на Уставниот суд, но мислам дека тоа што го стекнаа Албанците како граѓански права во Северна Македонија не е работа на Уставниот суд, не е прашање на закони и привремени тестаменти на политичките партии. Албанскиот јазик во Северна Македонија е прашање што помогна не само да се задржи Северна Македонија заедно туку и да се негува дух, начин на гледање меѓу Македонците и Албанците за формирање на државата, што вели Арбен Џафери, во смисла на интеграција на двата државотворни народа во западниот вредносен систем, а ова е преголемо за да се влезе во лавиринтите на законите – рече Рама, додавајќи дека Али Ахмети „сè уште му е потребен на албанскиот народ оти патот сè уште е долг“. (Б.Ѓ.)
Костадиновски обвини за политичко насилство, уцени и притисоци
– Ние, изминатиов подолг период, сме сведоци на едно непримерно, можам да го наречам, и политичко насилие, влијание, притисоци, на некој начин и уцени на Уставниот суд – изјави на посебна прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Тој нагласи:
– Повеќе пати имам кажано дека нема да дозволам Уставниот суд да биде уценуван од никого и нема да дозволам да биде под притисоци и закани од кого било. Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава ќе ги попречи со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се труди. Такво нешто нема да се случи.
Тој не сака одлуката на Уставниот суд од никого да биде сфатена како слабост или подлегнување под некој притисок и дека продолжува постапувањето по тој предмет.