Субвенција од 25 илјади денари за приклучок на гасификациската мрежа

26

Општина Куманово ги повика граѓаните да аплицираат за надоместување на дел од трошоците за приклучок на гасификациската мрежа на подрачјето на Општината, за 2025 година, како дел од сетот мерки наменети за намалување на аерозагадувањето во градот, информираа од Општината. Општината субвенционира 25.000 денари за приклучок.

– Очекуваме домаќинствата да се пријават, да ја искористат оваа можност. Средствата за субвенции се зголемени, затоа што е зголемена и цената на приклучокот – изјави директорот на „Куманово гас“, Марко Митровски.

Општина Куманово, со цел да ги стимулира граѓаните за користење гас за затоплување на своите домови, кој минимално ги загадува воздухот и почвата и не влијае врз климатските промени, ќе обезбеди поврат на дел од потрошените средства направени за приклучна такса кон гасификациската мрежа по денот на објавувањето на овој јавен повик, сè до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 30 ноември годинава.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Општина Куманово. Услов за учество во јавниот повик е купувачот да нема искористена субвенција од кој било извор за таа намена од државата.

Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на Општина Куманово што имаат склучено договор за приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа и решение за приклучување издадени од ЈП „Куманово гас“ и тие треба да поднесат образец за барање за искористување на правото за надоместок. На јавниот повик немаат право на учество домаќинствата што имаат веќе остварен приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти што сè уште се во фаза на изградба.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, формира комисија за спроведување на јавниот повик, со решение што ќе ги провери пристигнатите пријави и документација, да изготви листа на барателите добитници на субвенции. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнатите пријави, сè до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 300.000 денари.

 

ИЗДВОЕНИ