Студентите во Србија кои се во блокада ја пуштија веб страницата „Барањата не се исполнети“ (zahtevinisuispunjeni.rs), на која има часовник што отчукува наназад до понеделник, 27 јануари до 7 часот. Под тајмерот, кој моментално одбројува нешто повеќе од 93 часа до 27 јануари, е напишана пораката „Се гледаме“.
Студентите на Инстаграм објавија и видео на кое се гледа играта „Човеку, не се лути“, по што беше напишано – „Налути се човеку, 27 јануари“.
Засега не се знае каков е планот на студентите за тој ден, јави Бета. Пред тоа, студентите во блокадата ги повикаа граѓаните на Србија на тотален прекин на сите активности в петок на 24 јануари, односно на генерален штрајк или „општа граѓанска непослушност“.