Студентите кои ги блокираа факултетите во Белград утринава се собраа пред Факултетот за драмски уметности, од каде пеш тргнаа кон Нови Сад за да им се придружат на колегите во тој град кои ќе одбележат три месеци од трагедијата на железничката станица во сабота на 1. февруари.
Студентите планираат да пешачат до Нови Сад два дена со паузи, а како што пренесуваат медиумите, нив ги придружуваат земјоделци на трактори и моторџии додека се движат по стариот новосадски пат, под слоганот „На чекор од правда“.
Студентите од Нови Сад на блокадата најавија дека на 1 февруари ќе ги блокираат сите три моста во Нови Сад, три месеци по уривањето на настрешницата на Железничката станица, во која загинаа 15 лица, а блокадата ја нарекоа „Три месеци – три моста“.
Припадниците на Министерството за внатрешни работи утревечер целосно ќе ја обезбедуваат трасата на студентската прошетка од Факултетот за драмски уметности во Белград до Железничката станица во Нови Сад, изјави утрово министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Сообраќајот на трасата ќе биде запрен и пренасочен, а пред и зад конвојот ќе бидат распоредени припадници на сообраќајната полиција и одделението за јавен ред, како и амбулантни возила и цистерни за вода.
Тој наведе дека синоќа е пристигнат мејл за регистрирање на собирот, што е заемен интерес на МВР да ја обезбеди безбедноста на сите учесници на собирите, пред се на студентите, и додаде дека се надеваат дека така ќе биде и во иднина.