Студентите се судрија со полицијата, 37 приведени во масовните протести во Турција по апсењето на градоначалникот на Истанбул

308
EPA-EFE/NECATI SAVAS

Турција приведе 37 лица под сомнение дека објавиле провокативни коментари на социјалните мрежи за апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Како што изјави министерот во објава на социјалната мрежа Х, осомничените „објавија провокативни коментари за апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу кои поттикнуваат злосторства и омраза“.

Според него, турските власти идентификувале 261 сомнителни профили на социјалните мрежи, од кои 62 се од странство, пренесува Ројтерс. Министерот додаде дека во првите 24 часа по апсењето на Имамоглу, на социјалната мрежа Х биле споделени повеќе од 18 милиони објави за настанот.

Илјадници студенти се собраа во кампусот на Универзитетот во Истанбул, од кои некои се судрија со полицијата, по приведувањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.

Протестите поради приведувањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, и покрај забраната за јавни собири, продолжија во средата навечер во Турција, при што илјадници студенти се собраа во кампусот на Универзитетот во Истанбул, од кои некои се судрија со полицијата за немири, објави Ал Џезира.

Толпа студенти потоа се упатија кон канцеларијата на градоначалникот, додека главниот синдикат ги повика своите членови да излезат на улиците во близина на полициската станица каде што престојува градоначалникот, објави Гардијан.

Пристапот до Интернет е ограничен низ Турција, додека организацијата за слобода на интернет Нетблок предупреди на ограничен пристап до платформите на социјалните медиуми, вклучително и Фејсбук, Јутјуб, Инстаграм и ТикТок, по приведувањето на градоначалникот.

Дел од насобраните во Истанбул, како што пренесуваат светските медиуми, од пред градското собрание извикувале „Ердоган, диктаторе!“ и „Имамоглу, не си сам!“, а имало и судир со полицијата, при што бил користен и солзавец за да се растераат демонстрантите од пред Универзитетот во Истанбул.

И покрај забраната за јавните собири во Истанбул, се очекуваат повеќе протести низ целата земја, бидејќи опозициските водачи, вклучително и сопругата на Имамоглу, ги повикуваат луѓето да „го кренат гласот“, пишува Би-би-си.

Протести имало и во главниот град Анкара, објави Халк ТВ. Студентите и полицијата се судриле на Универзитетот ОДТУ во Анкара, а демонстрантите наводно се приведени, пренесува агенцијата ДПА.

 

Причината е приведувањето на Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул и главен предизвикувач на претседателот Реџеп Таип Ердоган, пренесува Хина. Градоначалникот на Истанбул беше уапсен во средата наутро во рации во кои беа приведени и околу стотина политичари, бизнисмени и општински службеници обвинети за корупција и „врски со терористички групи“.

Пред да биде приведен, Имамоглу на социјалната мрежа Икс објави видео од пред неговиот дом. Во видеото тој вети дека ќе „застане решителен“ за народот на Турција „и за сите кои ја поддржуваат демократијата и правдата ширум светот“.

ИЗДВОЕНИ