Студентите проектираа идејни решенија за спортски комплекси во Центар

15

Во КСП Центар Јадро денеска беше отворена архитектонска изложба на студентски проекти за идејно решение за нови спортски структури.
Годинешнава тема е создавање спортски комплекси со повеќенаменска улога, каде ќе бидат вклучени и комерцијални, културни и социјални содржини што ќе се надополнуваат.

Овој концепт наречен „јавен кондензатор“ претставува поврзување на сите овие елементи во една функционална целина, која ќе биде динамична, флексибилна и корисна за граѓаните во секое време.

Во своето излагање градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакна дека ова е седма година по ред како имаат успешна соработка со Архитектонскиот факултет, истакнувајќи дека е горд на сите пристигнати трудови и вредната работа на студентите да одговорат на предизвиците за проектирање општествени згради во оваа урбана општина.

-Темата беше предизвикувачка, со оглед на тоа дека спортот станува се’ поважен дел на современиот животен стил, а со тоа и потребата од нови спортски структури, односно спортски и рекреативни објекти во една урбана средина на живеење. Одличната соработка со Архитектонскиот факултет продолжува и понатаму, а Општина Центар останува да биде дел од менторскиот процес со студентите и нивното усовршување како идни архитекти на нашиот град – изјави Герасимовски.

Во рамки на традиционалната архитектонска студентска изложба, со свои презентации се претставија и студентите од трета и четврта студиска година, со проекти за општествени згради на теми: „Училиште во парк“ и „Паркинг куќа“ во Дебар Маало.
Изложбата ќе биде отворена до 27 февруари.

 

ИЗДВОЕНИ