Неколку илјади учесници кои најчесто без облечени во црната боја со себе носеа и букети цвеќе на достоинствен начин ја искажаа почита кон настраданите соврсници. Министерката Весна Јаневска им порача на студентите дека нивната присутност денеска значи свесност, солидарност и хуманост. |
Неколку илјади студенти и професори на најголемиот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ денеска искажаа сочуство и почит кон починатите и нивните семејства по ужасната трагедија во Кочани. Собирот во кампусот на УКИМ започна со едноминутно молчење, а студентите кои најчесто без облечени во црната боја со себе носеа и букети цвеќе. Беа истакнати и неколку транспаренти на кои беа напишани пораките: „Пламенот згасна но гневот гори“, „Молитва за Кочани“… Студентите главно молчеа, не извикуваа никави пароли туку во мир ја искажуваа почита кон настраданите соврсници.
-Ова е голема трагедија, многу жалиме за загубените животи. Ова можеше насекаде да се случи. Дискотеките каде што одиме се навистина ризични места и потребна е голема контрола кога се работи за одржување на концерти и забави. Ние одиме во нив оти тоа е начин на кој се забавуваме, некаде мора да излегуваме но мора да излегуваме во сигурни и проверени објекти – ни рекоа дел од студентите кои беа присутни на собирот.
На студентите им се обратија ректорката на Универзитетот, Биљана Ангелова и министерката за образование и наука, Весна Јаневка и ректорката на Универзитетот, Биљана Ангелова.
Ректорката Ангелова рече дека никогаш не помислила дека ќе треба да се обрати во вака тежок момент.
-Нема зборови со кои може да се искаже тагата. Загубата на млади животи е трагедија без мерка, рана што никогаш не заздравува, тишина што одекнува во срцата на оние кои останале. Неподнослива е болката да се изгуби некој полн со живот, некој чиј пат штотуку започнал – порача Ангелова.
Таа додаде дека во ваква ситуација треба да го покажаме заедништво.
-Нивната загуба е и наша и да се организираме за помош на настраданите семејства. Зборовите се помалку да се искаже тагата – нагласи ректорка Ангелова.
Министерката Јаневска им порача на студентите дека нивната присутност денеска значи свесност, солидарност и хуманост.
-Тука сме сите заедно да искажеме најдлабоко сочувство и почит кон починатите и кон нивните семејства. Ви благодарам за вашето присуство затоа што вашето присуство значи свесност, солидарност, хуманост, споделување не само на доброто, туку и на тагата и на болката. Овде сме сите заедно за да им помогнеме на живите да ја преболат тагата. Ќе цитирам стихови од Ацо Шопов „Ако имаш нешто неискажано, нешто што те притиска и пече, кажи го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече“. Тука сме сите заедно да им помогнеме на живите да ја преболат тагата. Болката за починатите е непреболива – порача Јаневска.
Отворена е Книга на жалост пред Правниот факултет, а во поставените кутии може да се донираат пари кои ќе бидат донирани на Црвениот крст. Како што соопштија од Универзитетско студентско собрание при УКИМ, заедничката настава и собирите на студентите, ќе продолжат сè до 21 март 2025 година, секој ден, почнувајќи од 12 часот, на кампусите на УКИМ. Во тој периот на Универзитетот нема да се оддржува редовната настава. (Б.Ѓ.)
Порака дека собирот е да се искаже почит, а не да се протестира
Заедничкиот час на платото на УКИМ беше прекинат откако на неколку студенти им се слоши, за што била неопходна и интервенција на брза помош. Во текот на собирот, додека зборуваше ректорката Ангелова, прво му се слоши на еден студент кој падна на земја. Присутните веднаш побараа да запре обраќањето на ректорката и да дојде некој кој може да му укаже медицинска помош. Набрзо дојдоа неколку медицинари меѓу кои и министерката за образование Весна Јаневска, која е професорка по патологија на Медицинскиот факултет и која му укажа помош на онесвестениот студент. Тој потоа се поврати и беше пренесен на Филозофски факултет. Набрзо потоа свест загубија уште двајца студенти по што студентите, исто така, побараа да запре обраќањето на министерката Јаневска која во тој момент зборуваше.
Откако беше кажано дека се повикани неколку возила од Брзата помош, министерката рече:
– Очигледно е дека ова предлого трае. Вашата порака е примена.
Во еден момент насобраната толпа почна да извикува по што претставникот на студентите од говорница мораше да ги смири:
– Собирот е да се искаже почит а не да се протестира. Ве молам да искажеме почит во мир и тишина. И ако треба да помогнеме, да помогнеме сите. Обединети во вакви моменти да покажеме сплотеност – рече претставникот на студентите.