Студентите го пуштија духот од шишето, Србија ќе добие нова влада или нова власт

1647

Студентите во Нови Сад, денеска беа нападнати пред седиштето на владејачката Српска напредна странка – СНС, при што потешко е повредена една девојка. Во својот говор, премиерот Вучевиќ рече дека тоа е причината за неговата оставка. Претходно, додека студентите беа на 24-часовна блокада во Белград што траеше до изутринава, претседателот Вучиќ одржа прес конференција, на која, меѓу другото, рече дека едвај го задржува бесот на „другата, поголема група во Србија“, која е испровоцирана од „некогаш оправданиот, а некогаш неоправданиот“ бес на студентите и граѓаните што ги поддржуваат

 

Српскиот премиер Милош Вучевиќ утринва поднесе неотповиклива оставка, а претседателот на државата Александар Вучиќ ја прифати. Со ова девет месеци по формирањето, престанува мандатот на целата влада и таа добива технички мандат. Сега, како што е најавено, се очекува да се донесе одлука  дали ќе се избира нова влада или ќе се распишат нови избори. Веднаш по премиерот оставка си поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Ова се случува три месеци по уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад при што загинаа 15 лица, што беше повод за бран протести и студентски блокади кои кулминираат последниве денови.

Студентите во Нови Сад денеска беа нападнати пред седиштето на владејачката Српска напредна странка – СНС, при што тешко е повредена една девојка. Во својот говор премиерот Вучевиќ рече дека тоа е причината за неговата оставка и додаде дека имал долг разговор со Вучиќ, кој имал разбирање за неговите аргументи.

-Сметаме дека објективно сме одговорни за она што се случи и затоа поднесувам оставка, рече Вучевиќ и го осуди нападот врз студентите.

Студентите, кои го блокираа Филозофскиот факултет во Нови Сад, објавија дека ноќта биле нападнати и дека неколкумина од нив се повредени, а една студентка била примена во Клиничкиот центар со тешки повреди, пренесе „Фонет“. Тие тврдат дека неколку мажи прво ги нападнале студентите кои ставале налепници и цртале шаблони „Три месеци – три моста“ на корпа за отпадоци пред седиштето на СНС, како најава за блокада на три моста во Нови Сад в сабота, на 1 февруари, кога се навршуваат точно три месеци од несреќата на железничката станица. Потоа со бејзбол-палки нападнале и друга група студенти. Подоцна полицијата соопшти дека се приведени тројца напаѓачи.

Студентите почнаа со блокади на факултетите пред два месеца, а повод беше нападот на студентите на Факултетот за драмски уметности, кои со 15-минутно молчење оддава почит на 15-те жртви во Нови Сад. Оттогаш се постојано на улица придружувани од професори, адвокати, лекари, актери,  уметници, обични граѓани, средношколци… Имаат четири барања, од кои прво и најважно е да се објави комплетната документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад. Бараат и отфрлање на тужбите против уапсените и приведените студенти на протестите, да се казнат нивните напаѓачи и за 20 проценти  да се зголемат средствата од буџетот за високошколските установи.

Под студентска блокада се повеќе од 60 факултети во сите четири државни универзитетски центри а студентскиот отпор на кој се приклучуваат се повеќе граѓани кулминира вчера кога почна 24-часовната блокада на Автокоманда, една од клучните сообраќајници во Белград. Блокадата почна во 10 часот во понеделникот и заврши денекса изутрина, со учество на неколку илјади студенти од белградскиот универзитет. Први им се приклучија земјоделците со механизација, кои рекоа дека се таму „да застанат покрај своите деца“, потоа дојдоа и моторџиите. Меѓу протестирачите имаше професори, адвокати, многу истакнати јавни личности и граѓани. Во текот на ноќта на улицата се пееше, се играше одбојка, фудбал, се држеа говори, но и  се готвеше за студентите кои блокадата ја одржуваа на смени. Снимките од воздух покажаа поголем број луѓе од оној на претходните протести. Околу 20 часот насобраните ги вклучија ламбите на мобилните телефони и ги насочија кон небото, правејќи спектакуларни снимки од воздух.

За време на студентската блокада на сообраќајната артерија на Белград, претседателот Александар Вучиќ, претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, и премиерот Милош Вучевиќ одржаа повеќечасовна прес-конференција, во обид да ги убедат студентите и незадоволните граѓани дека најважното барање им е исполнето, односно дека е објавена целокупната документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад и дека се уапсени 13 лица. Вучиќ со часови образложуваше делови од документацијата која, како што рече, содржи илјадници документи. На прес-конференцијата во понеделникот вечерта Вучиќ порача и дека е потребно да се сменат најмалку половина од министрите, зашто како што рече, знае кој се сокрил во глувчешка дупка, а кој не. Меѓу другото, тој рече дека едвај го задржува бесот на „другата, поголема група во Србија“, која е испровоцирана од „некогаш оправданиот, а некогаш неоправданиот“ бес на студентите и граѓаните што ги поддржуваат.

Надлежните во Србија вчера објавија нови документи за реконструкцијата на железничката станица за кои рекоа дека се последни, но студентите и граѓаните не го прифатија тоа со образложение дека по третпат се објавуваат документи за кои се вели дека се последни, па најавуваат дека ќе продолжат со протестите.

олжат со протестите.

ИЗДВОЕНИ