На прагот на новата учебна година, студентите упатуваат барања до ресорните министерства за Транспорт и врски, за Економија, МОН, МТСП и Министерството за култура и туризам, а се однесуваат на подобрување на нивниот стандард.

Едно од клучните барања е она за намалување на цените на билетите за меѓуградски превоз. Тие бараат да се продолжи мерката за субвенции за меѓуградски превоз според која во изминатава година студентите добиваа до 1.200 денари месечно за купување на билет за меѓуградски превоз.

Ваквата мерка е веќе присутна и во Националната стратегија за млади 2023-2027 година во делот на Образование под точка 4.1.1.2 и гласи: „Донесување одлука за намалување цени на меѓуградскиот автобуски превоз за средношколци и студенти на територијата на цела држава и зголемување на редовноста на линиите”.

Тие исто така, предлагаат да се воведе мерка за намалување на цените на билетите во меѓуградскиот превоз, доколку не е возможно продолжување на исплатата на истата мерка.

Студентите бараат конечно да биде исполнета бараната мерка за ваучер за туризам. Лани во декември, министерот за економија во претходната Влада, Крешник Бектеши, на средба со студентите најави нова мерка за ваучери за студенти која имаше цел и да се поттикне домашниот туризам за што најави дека биле предвидени 64 милиони денари.

Со оваа мерка е предвидено да се опфатат 7.100 студенти од државните и од приватните факултети на сите три циклуси студии. Во Првата група се предвидени 3.550 ваучери за редовни студенти од социјална категории запишани на додипломски студии од прв циклус и втор циклус студии (магистерски) на сите универзитети во државава.

Во Втората група треба да се поделат 3.550 ваучери од кои 3.090 за студенти од прв циклус, 355 за студенти од втор циклус и 105 за студенти од трет циклус кои постигнале особено висок успех во учењето.