Студенти од Нови Сад тргнаа кон Белград

196

Околу 2.000 студенти од Нови Сад и Суботица во четвртокот наутро пеш тргнаа од главниот град на Војводина кон Белград, каде во сабота е закажан голем протестен митинг, додека српските власти организираат отстранување на тракторите од војводинските села со кои, според локалните медиуми, ќе се обидат тој ден да ги блокираат приодите кон градот, пренесува Хина.

Заедно со студентите, кои четири месеци протестираат поради неодговорноста на власта за случајот со смртта на 15 лица на железничката станица во Нови Сад, кон Белград тргнаа и нивните професори и други граѓани. Нив ги придружуваат мотоциклисти и земјоделци во трактори.

Тие планираат да поминат низ Петроварадин, Сремски Карловци, Инѓија и Стара Пазова каде ќе преноќат, а во петок да продолжат кон главниот град на Србија. Новосадските студенти пред заминувањето дадоа соопштение во кое се вели дека никогаш не повикале на насилство, за што ги обвинуваат српските власти.

Оценуваат дека власта „исплашена од силата на студентскиот бунт, преку режимските медиуми создава атмосфера на страв, повикува на насилство и предизвикува колективна паника“.

„За нас, студентите во блокада, насилството никогаш не било опција кон која прибегнуваме, насилството е блиску до власта. Овозможете ги надлежните институции да си ја завршат работата, не ги доведувајте во заблуда граѓаните и не ги присилувајте на порадикални мерки“, велат новосадските студенти.

Тие нагласуваат дека, доколку во сабота има немири во Белград, нема да бидат „инструирани и водени од студентите во блокада“.

Иницијативата за опстанок на српските земјоделци предупреди дека паралелно со студентските протести се врши „регрутирање и плаќање на земјоделците лојални на владејачката партија“ за нивните трактори да бидат во Белград на 15 март, за кога е закажан големиот протестен собир што го повикаа студентите.

Во сабота во Белград ќе се одржи голем протестен митинг, на кој граѓаните се поканети од студенти, но српската влада го гледа настанот како демонстрација на желбата на демонстрантите за насилно рушење на државните институции.

ИЗДВОЕНИ