Студенти од ФИНКИ ќе му помагаат на МОН во унапредување на дигиталното работење – за зградата ќе почекаат

69

Студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје,  од денес ќе му помагаат на Министерството за образование и наука во унапредување на дигиталното работење и забрзување на процесот на дигитализација на образованието.

Под менторство на нивните професори, ќе дадат поддршка на тековното одржување на дел од информациските системи и дигитални платформи со кои располага министерството и ќе учествуваат во креирање и имплементација на нови техничко – технолошки решенија и дигитални услуги во воспитно – образовниот процес.

Ова е уредено со меморандум за соработка кој денеска го потпишаа министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и деканот на ФИНКИ проф. д-р Боро Јакимовски, а кој, како што информираа, зависно од потребите и можностите на двете страни, во иднина би можел дополнително да се надградува.

„Согласно договореното, дополнително факултетот ќе организира и спроведува едукативни активности во форма на обуки, работилници и семинари за стручно усовршување на вработените во министерството. Од друга страна, министерството ќе поддржи практично усовршување на студентите од овој факултет. Предвидени се и заеднички стручни и научни истражувања и анализи, како и организација на хакатони и натпревари за младите во информатичко – комуникациската сфера“, рече Јаневска.

Прашана за доградба на зградата во која треба да биде сместен ФИНКИ, Јаневска рече дека процедурата е во тек, а таа се надева дека во текот на нивниот мандат, зградата ќе биде завршена.

Министерката изрази задоволство што лесно беше постигната согласност каде и како да соработуваат двете страни, со што значително ќе се подигне ефикасноста и ефективноста на работењето и на министерството и на факултетот, а во интерес на граѓаните. Посочи дека МОН покажува отвореност, а ФИНКИ висока општествена одговорност.

„Имам должност да ги повикам и другите јавни институции и високообразовни установи да иницираат ваков тип на соработка. Да им дадеме можност на младите да се докажуваат и практично да се надградуваат уште додека студираат и со тоа да им го поедноставиме настапот на пазарот на труд по дипломирањето“, додаде Јаневска.

Деканот на ФИНКИ пак, рече дека образовната установа и досега му помагаше на МОН, но отсега во активностите ќе бидат вклучени и студентите за кои, како што рече, убеден е дека имаат потенцијал не само да препознаваат, туку да креираат решенија за сложени предизвици во ИТ сферата.

ИЗДВОЕНИ