Група граѓани на Струга бараат од надлежните институции да се преконтролираат сите угостителски објекти на струшкото крајбрежје со цел да се утврди дали поседуваат валидна документација во делот за закуп или имотен лист за сопственост, како и документација за нивна градба, адаптација, пренамена, реконструкција или концесија и доколку немаат, тие да се затворат. Тие тврдат дека голем број локали поставени на државно земјиште работат со истечени закупи-концесии од 2015 година. Од општина Струга деновиве најавија инспекциски контроли на сите угостителски објекти на територијата на градот. Весникот ВЕЧЕР денеска прати прашање на официјалниот мејл на општина Струга дали одредени локали и плажи имаат валидни закупи–концесии, но до затворање на весникот одговор не добивме. Никој не се јавуваше и на двата телефона за контакт јавно објавени на веб-страницата на општина Струга
Група граѓани на Струга бараат од надлежните институции да се преконтролираат сите угостителски објекти на струшкото крајбрежје со цел да се утврди дали поседуваат валидна документација во делот за закуп или имотен лист за сопственост, како и документација за нивна градба, адаптација, пренамена, реконструкција или концесија и доколку немаат, тие да се затворат.
– Поведени сме од несаканиот немил настан во Кочани и потсетувајќи се на смртта на нашите сограѓани доктор Лазе, доктор Јосе и инспектор Јонче, кои несреќно погинаа од електричен удар на отворен шанк во Струга во 2010 година, а истовремено сме засегнати во економска смисла. Како група на незадоволни граѓани – Македонци, Турци, Албанци, Власи и други кои сме сопственици на угостителски објекти со тенденција за изумирање, ве молиме сериозно да преземете мерки, неопходно потребни од ваша страна, сè со цел да се спречи понатамошната анархија и незаконито работење на угостителските објекти покрај струшкото крајбрежје, а со самото тоа и на локалната самоуправа – се посочува во пријавата до надлежните институции, а која е доставена и до весникот ВЕЧЕР.
Оттаму објаснуваат дека со давање на земјиштето покрај езерското крајбрежје под закуп, а на кое требаше да биде поставена урбана опрема, шанкови од сезонски карактер и лежалки, кои би работеле само во период од сезоната, за жал, како што нагласуваат, денес со нивно проширување и надградување, истите се претворени во ресторани, пицерии, слаткарници, ноќни клубови, дискотеки со период на работа преку целата година.
-Тие објекти не претставуваат урбана опрема од сезонски карактер, изградени се од цврст материјал и претставуваат дивоградби на кои им е истечен периодот на концесии до 2015 година, а остваруваат приходи и се однесуваат како да се сопственици на државниот имот. Станува збор за 15 години, сметано од 2010 година до сега, или остварени се вкупни приходи по 5 милиони евра годишно, односно 75 милиони евра средства кои се во приватни џебови. Сопствениците на овие објекти сега станаа сопственици на угостителски дивоизградени објекти. Поради нивното отворање и дивеење се затворија девет угостителски објекти во чаршијата – се наведува во пријавата на групата граѓани на Струга.
Мерката што Државната комисија за спречување на корупцијата во 2020 година ја донесе во делот на законската регулатива да може Пазарната инспекција да излезе на лице место со основна цел, за ваквите случаи, прво да биде утврден сопственичкиот карактер на закупците, прикажан како основен документ договор за закуп без кој не би можела да се продолжи дејноста. Тоа, не вроди со плод затоа што Законот за увид од Пазарната инспекција се укина.
– Во моментов Струга споредена со времето од 70-тите години, претставува една уништена урбана слика на некогашен модерен туристички град, бидејќи плажите во моментов не ја носат таа карактеристика на плажа, туку напротив истите се пренаменети во едно панаѓурско собиралиште на угостители со најразлични содржини: диви автокампови, диви сали за свадби, слаткарници, пицерии, диви ресторани, кафе барови кои работат до утринските саати, површини за несоодветно собирање со најразлични содржини, отворени шанкови, нема слободни површини за лежалки, нема гардеробери, се наплаќа секоја лежалка, нема уредено зеленило, не постојат спортски терени и слични содржини. Ни приближно не може градот да се прикаже како град којшто е ставен во мапата на светското и културно наследство УНЕСКО, односно ни малку да се приближи на туристичките центри низ светот каде што границата помеѓу хотелските комплекси и плажите се претставени само со улица (како што беше во 1980 година), а на плажите треба согласно Планот за управување со светското и културно наследство УНЕСКО, да има само лежалки и соблекувални – констатираат групата граѓани.
Тие наведуваат и кои објекти на крајбрежјето на град Струга, според нив, се дивоградби и дека треба да се контролираат од надлежните државни и општински инспекторати.
– Плажа пред ресторан „Аполонија“. Тоа е ресторан-балон сала, кој треба да претставува спортска сала по одобрение за градба, но напротив истиот претставува ресторан за свадби. Објектот е изграден на самата плажа и е со површина од 150 квадратни метри и родендени и прослави се прават на Катастарска парцела бр.1-вода Охридско Езеро, каде што не може ни нотар да завери каков било закуп бидејќи е вода, а не копно и диво е извршен насип и комплетно е пресечена трската – се наведува во пријавата.
Потоа, посочуваат дека на плажа ресторан „Аквариус“ има дивоизградени објекти, плажи, платформи, исечени трски, насипани површини за плажа. Објектот е поставен на катастарска парцела 1 којашто претставува вода – Охридско Езеро, нема ни законска можност за негово понатамошно работење, а закупот–концесијата е со истечен датум во 2015 година. Исто така, велат дека и ресторанот на плажата „Версус“ е дивоизграден на кој има кујни, пицерии, бунгалови, платформи, со исечени трски и насипани површини за плажа и дека и на овој објект закупот-концесијата им е истечена во 2015 година.
И на познатите Женска плажа и Машка плажа, посочуваат граѓаните, има диво изградени објекти на земјиште во државна сопственост кои се со истечен датум за закуп во 2015 година.
– Објектите во моментот се отуѓени неколку пати од првобитната фирма „Женска плажа ДООЕЛ“, а во моментов на истата постојат нови тројца сопственици и објекти: ресторан, пицерија и слаткарница. Фирмите кои се сопственици се: Слаткарница „Шарм“, ресторан „Холидеј“ и пицерија „Матадор“. На Машката плажа пак, преку цела година работи ресторан и четирите кафе-барови кои функционираат како ноќни клубови: „Ванила“, „Малибу“, непознат сопственик, како и еден новоизграден ноќен клуб – се наведува во пријавата.
Граѓаните на Струга велат дека локацијата на некогашната плажа „Галеб“ сега е узурпирана со диво изградени кафе-бар „Релакс“ и „Галеб“ на земјиште во државна сопственост.
– Објектот кафе бар „Релакс“ работи на црно, бидејќи во постапка за легализација во 2011 година Министерството за транспорт и врски има донесено негативно решение, со самото тоа треба истиот да биде срушен на земјиште во државна сопственост. И двата објекти претставуваат класична дивоградба што го имаат изурпирано комплетно зелениот појас, а просторот којшто се користеше за плажа препознатлив за граѓаните од град Струга, сега претставува простор покриен со маси и столови. За истиот општина Струга незаконито издава секоја година одобрување за урбана опрема што ни еден процент не претставува терминолошки соодветен израз за она што на лице место е узурпирано со диво изградени објекти – кажуваат граѓаните.
Со истечен датум за закуп-концесија во 2015 година е и плажата „Блу скај“ на која, како што нагласуваат граѓаните, на лице место постојат диво изградени бунгалови и два ресторани за свадби, а и плажата „Дада бар“, на која има ресторан и пицерија со истечен датум на закуп во 2015 година, исто како и плажата ресторан „Аденија“.
– Има и три засебни плажи со супстандардни објекти од ресторан „Матадор“ до „Еврохотел“. Плажите се оградени со жичена ограда, диво изградени се шанкови и комплетно узурпиран простор до самото езеро, што е во државна сопственост, со што е прекината можноста за шетање покрај езерото. Два диво изградени шанкови има и на делот од површината пред „Еврохотел“ и истите се од супстандардни материјали без никакви услови за работа. Исто така, за кампот „Рино“ има судска пресуда дека треба да се урива поради узурпација на државно земјиште, а кампот „Санрајс“ работи на црно без дозвола по закон за автокампови – нагласуваат граѓаните во пријавата и посочуваат дека локалната самоуправа дека по завршување на секоја сезона или додека трае, на сите овие узурпатори им наплаќа за користење за државното земјиште за урбана опрема на незаконит начин, бидејќи со самото тоа, како што велат, општината премолчено со наплата на средства го легализира нивното редовно користење на државно земјиште.
Поради посочените неправилности што се случуваат во угостителски објекти долж струшкото крајбрежје, бараат од надлежните институции да се евидентираат сите објекти за кои не постои никаква документација во делот за закуп или имотен лист за сопственост и да се затворан оние што немаат основна документација за нивна градба, адаптација, пренамена, реконструкција или концесија.
– Да се спроведе законска постапка усогласена со Планот за управување со светското културно наследство за Охридско-Струшкиот Регион на УНЕСКО. во кој на крајбрежјето се дозволуваат само лежалки и соблекувални, а не ресторани кафетерии, пицерии и слаткари. Да се расчисти теренот и да се уреди во форма на песочни плажи во функција на граѓаните – туристите, независно дали ќе бидат дадени под закуп или ќе ги стопанисува некое јавно локално претпријатие од општините. Да не се дозволи да се случат нови трагедии како во Кочани или таа пред 15 години кога од електрична инсталација погинаа наши сограѓани на градското пливалиште „Галеб“ во Струга – велат граѓаните на Струга.
Од општина Струга деновиве најавија инспекциски контроли на сите угостителски објекти на територијата на градот.
– Општина Струга, во периодот што следува, ќе иницира координиран инспекциски надзори со сите надлежни инспекциски служби во општина Струга како државни така и општински инспектори и во таа насока упатува јавен апел до сите сопственици на локали и други деловни објекти кои што вршат услужни и дејности од областа на угостителска, туристичка, услужна како и дејност – подготовка за послужување на храна и пијалаци и кафе барови, дека ќе се започне заедничка проширена контрола на инспекторите. Објектите што ќе се контролираат треба на инспекторите да им приложат одобрение за вршење дејност, одобрение за поставување урбана опрема, елаборат за поставување на урбана опрема, тековна состојба, имотен лист за деловен објект, елаборат за заштита на животната средина, елаборат за заштита од пожари и доказ дека истиот е спроведен на лице место – информираа од општина Струга и посочија дека за сите констатирани неправилности, инспекторите ќе издадат Решение за отстранување на недостатоци кои ќе треба да бидат отстранети во рок од согласно закон, како и прекршочен платен налог.
Весникот ВЕЧЕР денеска прати прашање на официјалниот мејл на општина Струга дали погоре посочените локали и плажи имаат валидни закупи–концесии, но до затворање на весникот одговор не добивме. Никој не се јавуваше и на двата телефона за контакт јавно објавени на веб-страницата на општина Струга.
(С.Бл.)