Струмица и струмичани заслужуваат да дишат!

22

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, дава целосна поддршка и в сабота ќе им се приклучи на граѓаните, на мирниот протест поради екстремното загадување во градот.

– Заложбите и напорите, како на локалната така и на централната власт, преку конкретни мерки да се редуцира степенот на фактичко загадување, очигледно, не допираат до вистинските адреси. Субјектите што имаат ингеренции за контрола се континуирано на терен, но определени субјекти се посилни и се над законите. И покрај реализираните инспекциски надзори и опомени, своеволието на одредени субјекти продолжува – напиша Костадинов на „Фејсбук“.

Тој додава дека постојано ги повикува и апелира за почитување на законите и на обврските што произлегуваат од нив, како и за соодветно санкционирање од надлежните на различни нивоа.

– Не смееме да дозволиме граѓаните да се жртва на нечии лични интереси. Верувам дека можеме и умееме, а истовремено и апелирам, со синергија на различните нивоа на власт, да се избориме со ваквите круцијални проблеми. Струмица и струмичани заслужуваат да дишат (по)чист воздух! – дециден е Костадинов.

Протесниот марш ќе се одржи под мотото „Забрането дишење“, а го организира Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица. Ќе се одвива по главните улици во Струмица, а ќе заврши пред зградата на Општина Струмица, кај канцелариите на инспекциските служби.

ИЗДВОЕНИ