Со величествена атмосфера, несекојдневна енергија и со вековна традиција, Струмичкиот карневал уште еднаш потврди зошто е еден од најзначајните карневалски настани во регионот. Илјадници граѓани и посетители од земјава и од странство уживаа во беспрекорната организација, радоста и во уникатниот дух што ги носи интернационалното карневалско дефиле, на кое продефилираа 35 групи со повеќе од 1.000 учесници од земјава и од странство, кои повеќе од три часа дефилираа, танцуваа, играа и ги промовира своите карневалски креации.

Струмичкиот карневал не е само настан, тој е и градска гордост, вековна традиција и незаборавно доживување. Откако објави кралот на карневалот: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал!“, почна да тече реката од карневали, а, традиционално, први настапија струмичките мажоретки. За кратко време, загрепските, едни од најдобрите во светот, го кренаа адреналинот.

– Се чувствуваме одлично и сите сме максимално добро расположени. Енергијата е одлична и, еве, уживаме. Прв пат сме тука и многу се радуваме. Постоиме повеќе од 30 години и навистина се радуваме што учествуваме на вашиот карневал – изјави Сара Ивковиќ од загрепските мажоретки.

Синоќа градот беше претворен во сцена на магија, смеа и неопишана хармонија. Маските на учесниците на Струмичкиот карневал беа вистински уметнички дела. Од древни митски суштества, преку фантастични животни, до современи и креативни концепти – секоја маска раскажуваше своја приказна и внесуваше нова енергија во градот.

Струмичкиот градоначалник, Костадин Костадинов, истакна дека оваа манифестација, која ја негува автентичната традиција на Струмица со години, и оваа година покажа дека е симбол на културата, уметноста и на заедништвото.

– Зошто е Струмичкиот карневал најпосетен настан во Македонија? Зошто ни се полни кафулињата, хотелите и улиците? Тоа е така затоа што Струмичкиот карневал не познава политички партии, затоа што Струмичкиот карневал не познава вера, религија, не познава раса. Струмичкиот карневал нè обединува сите во сите можни бои и затоа имаме обврска да го чуваме и да го негуваме како зеницата во окото – рече градоначалникот Костадинов, кој ги поздрави гостите од земјава и од странство, претставниците на дипломатскиот кор во државата, пратениците…

Најдобрите карневалски креации се оценувани од жири-комисија, а и публиката може, преку онлајн гласање, да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.

Карневалската вечер заврши во еуфорична атмосфера, а карневалските празнувања во Струмица продолжија и денеска, на празникот Прочка, кога се одржа традиционалниот Детски карневал, на кој продефилираа младите струмичани со своите маски.

Дел од струмичани не се задоволни од годинашниот карневал и потенцираат дека не е тоа што бил и она што можело да се види изминатите години. Велат дека на лицата на гледачите, кои го проследија отстрана, имало само понекоја насмевка.

 

ИЗДВОЕНИ