Струмичкиот карневал ќе почне на 26 февруари, а на 1 март е дефилето на карневалските поворки

27

И оваа година Струмица ќе се погрижи да заблеска со маските на карневалџиите не само од градот и од државата туку и од странство. Главната манифестација, односно интернационалната карневалска поворка, ќе се одржи на 1 март 2025 година, по булеварот  „Маршал Тито“, на плоштадот „Гоце Делчев“. Струмичани се гордеат со оваа своја вековна традиција, за која велат дека не смее да згасне и треба да се негува.

Манифестацијата ќе започне во среда, 26 февруари, со свечено отворање во 18:00 часот, кога симболично ќе им биде предаден клучот од Градот на карневалџиите од страна на градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов. Тој ден во 19:00 часот, во Градската уметничка галерија ќе биде отворена изложбата „Триесет и пет години од обновената организирана форма на Струмичкиот карневал“, додека во 19:30 часот – изложбата на карневалски маски на СОУУД „Димитар Влахов“, која ќе се одржи во Центарот за култура „Антон Панов“.

На 27 февруари точно напладне, во ЛУБ „Благој Јанков-Мучето“ ќе бидат објавени резултатите од конкурсот за најдобри литературни остварувања на тема „Карневал“. Во 18:00 часот ќе започне концертот под маски на музичкото училиште „Боро Џони“, кој ќе се одржи во Центарот за култура „Антон Панов“.

На 28.2.2025 година во 21:00 часот, во хотелот „Сириус“ ќе се одржат маскенбалот и изборот на принц и принцеза на карневалот.

Во сабота, 1.3.2025 година, во 17:30 часот, во Градската уметничка галерија ќе биде приемот за претставниците на FEECC и на претставниците на карневалските групи од странство, а во 18:30 часот ќе започне интернационалната карневалска поворка, која ќе се движи по булеварот „Маршал Тито“, до плоштадот „Гоце Делчев“.

Во недела, 2.3.2025 година, во 11:00 часот, на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе се одржи традиционалниот детски карневал по повод Прочка. Во понеделник, 3.3.2025 година, во 12:00 часот, на прес-конференција во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе бидат објавени резултатите за најуспешните маски од карневалската вечер, а во 13:00 часот, на плоштадот „Гоце Делчев“, ќе се одржи традиционалната програма по повод Чист понеделник, кога ќе се вари бел грав. Тој ден со почеток во 19:30 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде отворена изложбата на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите за наградниот конкурс.

Во вторник, 4.3.2025 година, во 18:00 часот е традиционалното карневалско корзо, а во 19:00 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе бидат доделени наградите за карневалската поворка. Манифестацијата завршува во среда, кога во 12:00 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе се одржи тримерскиот ручек, ќе настапат и „Распеани струмичани“, а потоа во 13:00 часот е враќањето на клучот од карневалџиите на струмичкиот градоначалник.          

Струмичкиот карневал е локален обичај со вековна традиција, кој директно е поврзан со празникот Тримери, единствен од таков вид во државава, кој е поврзан со армасаните (свршените) девојки. Датумот на одржување се менува зависно од Велигден и, традиционално, се одржува во вторник по Поклади –Прочка.

Од 2012 година, Интернационалната карневалска вечер се одржува во сабота навечер, а во недела е традиционалниот детски карневал по повод Прочка. Од 1994 година, Струмица со Струмичкиот карневал е член на меѓународната асоцијација на карневалски градови – FECC, со што карневалот доби интернационален карактер и се вброи на картата на светски карневали, а во 1998 година беше домаќин на 18. Интернационален конгрес на FECC. Како резултат на посебниот однос и вековната традиција, Струмичкиот карневал прерасна во културна манифестација со која Струмица е интернационално препознатлива. Секоја година на карневалот настапуваат околу 2.000 учесници, од кои околу 600 од странство. Во изминатите 20-ина години, на карневалот продефилирале над 10 илјади карневалџии и делегации од: Америка, Албанија, Аруба, Белгија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Холандија, Хрватска, Италија, Ирска, Финска, Франција, Германија, Полска, Португалија, Русија, Словенија, Србија, Турција, Украина, Шведска и др.

 

ИЗДВОЕНИ