Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес го објави традиционалниот Меѓународен конкурс за стрип, составен дел од активностите од традиционалниот 23. Меѓународен стрип салон „Велес 2025“.
Според пропозициите на конкурсот: Право на учество имаат сите автори од цел свет, без разлика на полот и возраста; Должината на стрипот треба да биде од 1 до 6 табли, и тоа на А4 формат (мин.300дпи ако се испраќа по електронски пат). Доколку стрипот е на една страна треба да биде со најмалку 5 сликички; Tемата на стрипот е слободна, а секој автор (билo цртач, туш, колор) може да учествува со само еден стрип. Исклучок има за сценаристите каде се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови; На еден стрип можат да работат повеќе автори (притоа да се напише кој што направил: сценарио, молив, туш…).
Како што додаваат од Стрип центарот, стриповите нема да бидат вратени, а со самото испраќање организаторот се стекнува со право да ги објавува и презентира заедно со авторите во склоп на промоција на своите активности.
Рокот за испраќање е до 1 август 2025 година на: [email protected] или на адреса на Стрип центарот на Македонија. Заедно со стрипот да се испрати лична биографија на авторот (име и презиме со фотографија, датум на раѓање, адреса и држава од каде е авторот, е-маил), како и година кога е стрипот нацртан. Исто така на сите стрипови треба бидат наведени авторите како и називот на стрипот. Стриповите од македонски автори ќе имаат предност при оценување доколку бидат на македонски јазик и кирилско писмо, а сите пристигнати стрипови ќе бидат земени во конкуренција за изложување во склоп на изложбата на стрип салонот „Велес 2025“.