Бројни студии покажуваат дека поместувањето на стрелките на часовникот може да има негативно влијание врз човечкото тело. Од нарушување на сонот, проблеми со срцето и со крвниот притисок, намалена концентрација и продуктивност до депресија и анксиозност
Летното сметање на времето годинава почнува на 30 март. Значи овој викенд, ноќта сабота кон недела, ќе ги поместиме стрелките на часовниците за еден час нанапред, од 2:00 во 3:00 часот, со што ќе се префрлиме на летното сметање на времето.
Како што е познато, многу експерти зборуваат за ефектите од оваа промена врз човечкото тело и за тоа како да се приспособиме на промената на часовникот.
Нарушување на сонот
Еден од најголемите проблеми со преминот кон летното сметање на времето е нарушувањето на деноноќниот ритам, внатрешниот биолошки часовник што го регулира спиењето. Кога се поместуваат стрелките на часовникот нанапред, телото мора да се приспособи на будењето порано, што може да доведе до несоница, замор и до лош квалитет на сонот.
Зголемен ризик од проблеми со срцето
Истражувањата покажаа дека во првите неколку дена по преминувањето на летно сметање на времето има зголемување на бројот на срцеви и на мозочни удари. Недостигот на сон и ненадејната промена во ритамот може да го зголемат нивото на стрес и да влијаат на крвниот притисок.
Зголемена склоност кон депресија и кон анксиозност
Промената на времето може да влијае на менталното здравје, особено кај луѓето што се чувствителни на промените во ритамот на спиење. Некои истражувања сугерираат дека поместувањето на стрелките на часовникот може да го зголеми ризикот од сезонска депресија и од чувство на анксиозност.
Намалени концентрација и продуктивност
Поради помалку сон, многу луѓе пријавуваат проблеми со концентрацијата и со фокусот во деновите по префрлањето на летното сметање на времето. Истражувањата покажуваат дека дури и мала промена во сонот може да влијае на донесувањето одлуки и на брзината на реакција, што може да го зголеми ризикот од несреќи на работа и во сообраќајот.
Влијание врз метаболизмот и врз телесната тежина
Некои научници веруваат дека поместувањето на стрелките на часовникот може да влијае на метаболизмот, бидејќи се менува времето на оброците. Нарушениот ритам може да придонесе за зголемено внесување калории и за нарушување на рамнотежата на телото.
Потребно е постепено приспособување на организмот
– Поместувањето на стрелките на часовникот за еден час нанапред може да изгледа како мала промена, но може да има значително влијание врз нашите тело и ум. Чувствителните луѓе се особено изложени на ризик – постарите, хронично болните и учениците. Причината за проблемот е што со префрлувањето на летното сметање на времето, го нарушуваме нашиот вообичаен режим на спиење, а квалитетот на спиењето е основа за животна рамнотежа – вели Младенка Ткалчиќ, психолог од Отсекот за психологија на Филозофскиот факултет во Риека.
Како што додава таа, во телото и во нашиот мозок постои внатрешен часовник што регулира различни физиолошки и психофизиолошки процеси во организмот.
– Тие циклично варираат во период од 24 часа, различни хормони во крвта, крвниот притисок, моторичкото и когнитивното функционирање. Нашиот внатрешен часовник има свој ритам, но не е целосно независен од факторите од околината – додава Ткалчиќ.
Таа препорачува попладневна дремка не подолга од 30 минути по преоѓањето на летното сметање на времето.
– Потребна е околу една недела за целосно да се приспособи просечниот човек на летното сметање на времето. Но, можеме да му помогнеме на нашето тело да го помине овој период што е можно побезболно. Така што овие денови, секоја вечер треба да си легнуваме десет минути порано и да се будиме исто толку порано. По потреба, можеме да дремеме и попладне, но не подолго од 30 минути – вели таа.
Сè повеќе земји размислуваат за укинување на летното сметање на времето
Според доминантното мислење, целта на постапката на поместување на стрелките е да се искористи дневната светлина и да се намали потрошувачката на енергија. Во последните години, сè повеќе земји размислуваат за укинување на летното сметање на времето, бидејќи придобивките се минимални, додека негативните ефекти се сè поочигледни. Во 2016 година, Европската Унија поведе иницијатива, но безуспешно, па ќе се поместува часовникот, засега до 2026 година.
Поместувањето на стрелките на часовникот предизвикува бројни дебати секоја година, додека едни тврдат дека носи бројни предности, други укажуваат на неговите негативни последици, особено за здравјето.
Секоја година, двапати годишно, милиони луѓе во светот ги поместуваат стрелките на часовникот, еднаш напред во пролет и еднаш назад во есен.