Во 2024 година странските директни инвестиции (СДИ) изнесуваа 1,255 милијарди евра и ако се спореди со претходната година, бележат зголемување за повеќе од двојно.
– Дури и во споредба со досега рекордното ниво на СДИ остварено во 2022 година, тие во 2024 година се повисоки за речиси 70%. При тоа е значајно дека растот на СДИ е изразен не само во апсолутни износи, туку и како учество во БДП. Така во однос на проектираниот БДП за 2024 година, реализираните СДИ изнесуваат 8,1%, што е највисок износ уште од 2007 година. Во целиот 15-годишен период 2008-2023 година, СДИ ниту еднаш не надминаа 6% од БДП. На овој начин потврдуваме дека ја менуваме економската слика за државата која со години беше девастирана и покажуваме дека системот се менува и има промени и дека работиме на враќање на довербата во системот – истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска и потсети дека највисок износ на СДИ е забележан во четвртиот квартал (речиси 400 милиони евра).
Доколку се анализира по земји, најголем износ на СДИ од 256 милиони евра се реализирани од Обединетото Кралство, при што речиси сите се во форма на должнички инструменти дадени од британските директни инвеститори во домашните претпријатија во кои инвестирале. Друга земја со забележително учество е Германија, која и покрај состојбата во нејзината економија и понатаму го има интересот за инвестиции во Македонија, кој е висок и изнесува 202 милиони евра. Други земји со повисоко учество на СДИ во 2024 година се Турција (137 милиони евра), Холандија (67 милиони евра), Австрија (64 милиони евра,) Грција (57 милиони евра).
Гледано по дејности, најголем дел од странските инвестиции се во производството (408 милиони евра). Значително ниво на инвестиции е реализирано и во градежништвото (211 милиони евра), услугите (198 милиони евра), и кај електричната енергија (142 милиони евра).
– Ваквиот тренд очекуваме да продолжи и во 2025 година. Инвестициите се нашата база на која ги креираме политиките за раст на економијата, која е основата за подобрување на состојбите во земјата, вклучително и стандардот на граѓаните. Пред нас е многу работа, затоа што она што го наследивме бара многу напори и време за да се стабилизираат состојбите – рече министерката за финансии.