Да се произведува енергија и топлина во ист процес, притоа граѓаните да дишат повеќе чист воздух и да плаќаат пониски сметки за струја и за парно. Ова е ставот на премиерот Христијан Мицкоски кој деновиве најави дека се преговара со турската „Казанџи холдинг“, која би вложила милијарда евра во изградба на когенеративни централи со капацитет od 500 MW и кои годишно произведуваат 4,1 TW/h електрична енергија, односно 720 GW/h топлинска енергија. Државата ќе биде косопственик во проектот, не преку директни вложувања, туку преку обезбедување на земјиште, приклучоци и слично.
Енергетичарите сметаат дека граѓаните ќе имаат многу бенефити од изградбата на когенеративни централи затоа што тоа е начин за оние што не се приклучени на централното греење да добијат евтина топлина, а од друга страна директно ќе има влијание и на квалитетот на воздухот. Истовремено укажуваат дека потенцијален инвеститор би дошол првенствено за да заработи. Дилемата е како и кога ќе се донесе гас и дали заради непредвидливоста на цените, енергијата навистина би била поевтина.
– Категорично се спротивставуваме на ставовите на премиерот и Владата дека когенеративните централи се севкупно решение за аерозагадувањето. Овие централи можат да имаат одредени економски придобивки, но нивното промовирање како главно решение за загадувањето е неточно и погрешно насочено – велат од Инженери на Република Македонија.
Сметаат дека енергетските капацитети и потенцијали за соларни, ветерни и ли хидроцентрали, како и сите останати инвестиции во енергетиката, не треба да се дадат на странци, односно треба да бидат домашни – македонски – државни!
– Странските инвестиции во енергетскиот сектор на македонска територија не можат да се сметаат за стратешки, ниту пак го зголемуваат енергетскиот суверенитет на нашата држава. Напротив, тие создаваат зависност и ја ограничуваат контролата на Македонија врз сопствените енергетски ресурси – велат инженерите.
Според нив, пристапот на Владата за решавање на аерозагадувањето со изградба на гасни когенеративни централи и соодветни системи за топлификација е едностран и застарен.
– Природниот гас не е еколошко гориво и емитува ЦО₂. Покрај тоа, неизвесноста за приклучување на доволен број потрошувачи на новите цевководни системи може да ги направи овие инвестиции промашени. Решението треба да биде системско, долгорочно и современо – преку промоција на енергетски ефикасни системи за греење, развој на топлификацијата, но со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија – геотермални извори, биомаса, отпадна топлина од индустријата и топлински пумпи. Потребно е и заострување на регулативите за индустријата и сообраќајот – велат инженерите.
Тие не се согласуваат и со ставот на министерот за животна средина, Изет Меџити дека постепена гасификација на целата држава би придонела во намалување на загаденоста од 50 до 70 отсто
– Решенијата за аерозагадувањето мора да бидат засновани на реални и одржливи политики, а не на некакви интереси кои не се во корист на државата и нејзините граѓани. Ги повикуваме сите релевантни институции, експерти и јавноста да поддржат стратегија која ќе гарантира вистинска енергетска независност и чиста животна средина за сегашните и идните генерации – сметаат Инженерите на Република Македонија.
(С.Бл.)