Стотици таксисти од Белград, Ниш и Панчево, заедно со своите колеги од Крагуевац, денеска ги враќаат студентите кои пешачеа од 130 до 150 километри на тридневниот марш во петокот за да учествуваат на митингот „Да се сретнеме на Сретење“ во Крагуевац по повод Денот на државноста.
Долгите колони таксисти крагуевачани ги испратија во редови, фрлајќи цветни ливчиња и скандирајќи „Студенти, студенти“, а ги поздравија и жителите од околните населени места.
Само од Белград, околу пладне во Крагуевац пристигнаа повеќе од 800 таксисти од сите такси здруженија, на кои им се придружија и колегите од Ниш и Панчево.
Ова е втора акција на солидарност и поддршка за студентите откако повеќе од 670 таксисти ги вратија студентите од Нови Сад по маршот до митингот на 1 февруари, каде десетици илјади луѓе, предводени од студенти, одбележаа три месеци од смртта на 15 лица во уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад.
„Децата тоа го заслужија“, им рекол на новинарите еден од таксистите.
Бранот протести во Србија, предизвикан од трагедијата во Нови Сад, прерасна во студентско движење и речиси тримесечна блокада на повеќе од 60 факултети во четири државни универзитетски центри.
Масовни протести во Србија – Вучиќ смета дека „нивната обоена револуција пропадна“