Стопанска банка АД Битола продолжува да работи самостојно. Комерцијална банка АД Скопје на сајтот на Македонска берза извести дека преземањето на Стопанска банка АД Битола е неуспешно. Оттаму посочуваат дека понудата за преземање била прифатена од 149 сопственици на обични акции со право на глас, кои поседуваат вкупно 176.154 обични акции, односно 45,0548% од сите акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.
– Понудата за преземање се однесуваше на сите 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола со ИСИН број: МКСБТБ101013. Во Понудата за преземање, прагот на успешност, односно најмалата количина обични акции која требаше да биде прифатена за да се смета за успешна понудата за преземање беше определена на 261.956 обични акции со право на глас, што претставува 67 % плус 1 акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Со оглед на тоа што прагот на успешност не е постигнат, понудата за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Комерцијална банка АД Скопје се смета за неуспешна – се наведува во соопштението.
Причина за неуспешност, како што објаснуваат од Комерцијална банка, е тоа што не се изјасниле позитивно по однос на понудата доволен број акционери кои поседуваат обични акции со право на глас, односно во законски утврдениот рок до 22.09.2024 година не даде Изјава за прифаќање на понуда за откуп по цена од 3.200 денари по акција.
– Комерцијална банка АД Скопје на акционерите на Стопанска банка АД Битола им посакува успех во понатамошното работење – се вели во соопштението.