Столот специјално направен за папата Франциск oстана вредна реликвија во скопската катедрала

665

Светот, како и Македонија, се простува од починатиот папа Франциск. Но, споменот на него нема да згасне. Сеќавањата на христијанската љубов кон сите луѓе што ја ширеше, на неговата добрина, заложбите за мир и помирување, за запирање на војните, за помош на загрозените, на мигрантите, на сите унесреќени, за заштита на нашата планета, на различните… ќе останат. Исто како што ќе останат и сеќавањата за неговите посети и средби со луѓето во десетици и десетици земји што ги посети во текот на своето 12-годишно раководење со Католичката црква. Македонија е меѓу земјите што може да се гордеат дека биле посетени од папата, а што беше прва и историска посета на нашата држава. Тоа се случи на 7 мај 2019 година, во рамките на неговата обиколка на неколкуте земји во регионот во кои нема многу католички верници и која се одвиваше под мотото „Не плаши се, мало стадо“. Десетина часа папата Франциск посвети на средби со македонските државни раководители, на одржување литургија на централниот скопски плоштад, на посета на спомен-куќата на Мајка Тереза, на средби со верските поглавари…

– Рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувствителност и надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме едни за други. Гладни сме за добрина и за солидарност. Оваа мешавина на култури и етнички и религиозни идентитети доведе до мирен и траен соживот, каде што тие поединечни идентитети најдоа свој израз и се развиваа без меѓусебно одбивање, доминација или дискриминација – потенцира тој во обраќањето пред петнаесетина илјади верници на плоштадот.

Потоа ја посети централната католичка катедрала „Пресвето срце Исусово“, каде што имаше и средба со неколкумина млади верници од православната, муслиманската и од католичката вероисповед и на чии прашања одговараше.

– Сонувајте на големо. Не дозволувајте да бидете поделени. Сонувајте заедно со другите, никогаш против другите – им рече тогаш папата Фрањо, по што одржа миса со свештениците, нивните семејства и монасите.

Токму во оваа катедрала оттогаш досега, а сигурно така ќе биде и во иднина, се чува вредниот спомен од престојот на човекот кому ширењето на љубовта и на разбирањето меѓу различни луѓе му беше суштина на животот и на земската мисија. За неговото доаѓање, за потребите на одржувањето на службата, за средбите со верниците, тогаш беше направен и специјален стол, кој ги има папските обележја – неговите грб и мото. Всушност, за потребите на посетата беа направени два такви идентични стола, од кои едниот беше поставен во катедралата, а другиот – на бината на централниот скопски плоштад, каде што се одржува главната служба. Сега, во катедралата, папскиот стол се чува со особено внимание. Тоа ни го кажува и сестра Наталија.

– Го чуваме како еден од најдрагите спомени од неговиот престој тука. Сега е сместен на посебно место во малата капела посветена на света Ана. Но, се користи и се поставува во централниот дел на катедралата кога се прават служби за големи празници и кога имаме значајни гости. На него најчесто седат бискупот или некој од кардиналите што нè посетуваат – ни објаснува сестра Наталија.

Столот е мошне едноставен, без богати украси, направен од природно дрво и материјал во крем нијанса. Скромен, се чини, токму онака како што ѝ прилега на личноста на папата Франциск, кој беше олицетворение на таа сè поретка особина меѓу луѓето. В очи на посетителот веднаш паѓа мотивот на папскиот грб, кој е претставен на потпирачот од столот. Тоа е службен грб на Светата столица, кој досега се користеше како грб на папата Франциск откако, во 2013 година, стапи тој на чело на Црквата. На грбот, над синиот штит се наоѓаат папските симболи – митрата меѓу вкрстени златен и сребрен клуч поврзани со црвена лента. Во централниот дел е сонце на кое е испишан монограмот ИХС над кој се издига крстот. Во долниот дел се ѕвезда што ја симболизира Пресвета Богородица, како и цвет што го симболизира светиот Јосиф. А во најдолниот дел е мотото што го избрал папата Франциск, како можност што ја има секој папа, „Miserando atque eligendo“.

– Тоа е преземено од проповедите за Евангелието според Матеј и се однесува средбата на Исус Христос со цариникот Матеј. Во слободен превод значи „го погледна со љубов и го избра“ – ни објаснува сестра Наталија.

Во литературата се наоѓаат и други преводи на значењето на мотото: „Со милосрдно избирање“, „По Божјиот милосрден избор“, „Исус го виде даночникот и со милост го избра, велејќи му: ‘Следи ме’“… А целиот настан се однесува на ситуацијата во која Исус го сретнал цариникот Матеј и го повикал да го следи, а Матеј прифатил. Оваа фраза имала големо значење за папата Франциск, потсетувајќи го на тоа кога на 17-годишна возраст, во 1953 година, отишол на исповед на денот на свети Матеј и го почувствувал Божјиот повик за религиозен живот по стапките на свети Игнатиј Лојола.

Во овој храм, споменот на папата се чува и во просторијата за сакристија, каде што се подготвуваат свештениците за службата, а во која бил и папата. Во неа, на ѕидот до големиот крст со распнатиот Исус е поставена и негова фотографија.

– Сето ова ни се драги спомени, кои постојано ќе ги чуваме во нашата катедрала. Никогаш нема да го заборавиме тој ден. Папата беше толку задоволен, а најмногу од тоа кога му зборувавме за тоа колку им помагаме на сиромашните и на другите луѓе што имаат потреба – потенцира сестра Наталија. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ