– Во рамките на оваа вежба, практично и теренски ќе бидат споделени најдобрите практики и искуства за справување со болеста што и сега, дури и на големите развиени економии им создава сериозно големи удари врз добиточниот фонд и предизвикува големи економски штети – рече директорот на АХВ, Оливер Миланов, заблагодарувајќи им се на европските експерти, кои ќе ги споделат, на вежбата, искуството и најдобрите практики за справување со болеста чума кај малите преживари. Тој изрази уверување дека во иднина биосигурносните мерки на фармите ќе бидат подигнати на уште повисоко ниво
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (ФАО), три дена ќе одржува симулациска вежба за болеста чума кај малите преживари. Цел на вежбата, на која учествуваат претставници од АХВ, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ветеринарната комора на РСМ, Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската Унија и членовите на Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци ’„Модерен овчар“, е да се утврдат добрите и слабите страни на одговорот при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
На Факултетот за земјоделски науки и храна вчера се одржа првиот теоретско-практичен дел од симулациската вежба, а денеска, во селото Брњарци, Општина Гази Баба, ќе се одржи теренскиот дел од вежбата.
– Ги информираме јавноста и месното население од селото Брњарци и од околните населени места дека теренските активности што ќе бидат преземени утре, се исклучиво во рамките на предвидените за реализација на симулациската вежба. Не станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари, туку само за вежба за превенција и оценка на ефикасноста на постојниот систем за заштита од болеста – рече директорот на АХВ, Оливер Миланов.
Според него, болеста е присутна во регионов и во Европа од минатата година и дека таа кај нас, како институција, го вклучила алармот сериозно да ѝ се посветиме на превенцијата. Во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна лани одржавме серија работилници низ земјава со одгледувачите на ситен добиток и заедно алармиравме да се зајакнат биосигурносните мерки на фармите.
– Во рамките на оваа вежба, практично и теренски ќе бидат споделени најдобрите практики и искуства за справување со болеста што и сега, дури и на големите развиени економии им создава сериозно големи удари врз добиточниот фонд и предизвикува големи економски штети – рече Миланов.
Тој потенцира дека како држава, засега успеваме да го спречиме ширењето на болеста кај нас, за што изразувам благодарност и до одгледувачите на добиток, нивните здруженија и до науката.
– Засега, заедно успеваме да се одбраниме од болеста, која може многу брзо и многу лесно, во услови на динамична економија во европски и во светски рамки, да ја афектира и нашата земја. И досега ја потврдувавме исклучителната и блиска, но професионална соработка со сите вклучени во системот за заштита од појава и спречување од ширење на болеста чума кај малите преживари како болест од А- категорија, која бара спроведување исклучително високи стандарди и мерки за заштита – истакна тој.
Миланов изрази благодарност до европските експерти, кои, на вежбата, ќе ги споделат искуството и најдобрите практики за справување со болеста чума кај малите преживари. Тој изрази и уверување дека во иднина биосигурносните мерки на фармите ќе бидат подигнати на уште повисоко ниво.
По спроведување на вежбата, ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста и ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и на засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај малите преживари.