Заврши симулациската вежба за појава на болеста чума кај малите преживари. Сточарите со практични вежби добија знаења како да ги заштитат своите грла кози, овци и друг ситен добиток од оваа високо заразна вирусна болест, а на работилницата, експертите на ФАО за здравјето на животните во сточарството слушнаа рано предупредување и системи за пријавување, како и добри практики за биосигурност, кои се клучни за нејзини превенција и спречување.
Еран Раизман, ФАО-експерт за здравјето на животните во сточарството, на работилницата истакна дека чумата кај малите преживари претставува една од најголемите економски закани за фармерите што се потпираат на малите преживари, за своја егзистенција.
– Оваа обука ја зајакнува свесноста за болеста, обезбедува знаење за надзор, рано предупредување и системи за пријавување, како и добри практики за биосигурност, кои се клучни за нејзини превенција и спречување. Неопходни се мултисекторски партнерства и координација со сите засегнати страни за да се обезбеди искоренување на оваа болест – рече Раизман.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, на отворањето на симулациската вежба, ја нагласи важноста на вежбата за превенција и за проценка на ефикасноста на постојниот систем за заштита од болеста. Тој посочи дека болеста од минатата година е присутна во регионот и пошироко во Европа и дека АХВ веднаш го активирала алармот за сериозен и координиран пристап кон нејзина превенција.
– Засега успеваме заеднички да се заштитиме од болеста, која многу брзо и лесно може да ја зафати и нашата земја, особено во услови на динамична економија во европски и во глобален контекст. Досега потврдивме извонредна, блиска и професионална соработка со сите чинители вклучени во системот за заштита од појава и ширење на чумата кај малите преживари, болест од А-категорија, која бара спроведување на највисоките стандарди и мерки за заштита – изјави Миланов.
Чумата кај малите преживари ги погодува козите, овците, другиот ситен добиток и дивите животни, кои покажуваат симптоми на висока температура и депресија, проследени со исцедок од очите и од носот. Животните не може да јадат бидејќи нивната уста е со болни рани, а истовремено страдаат и од тешка пневмонија и од дијареја. Откако ќе навлезе еднаш, вирусот може да зарази 90-100 проценти од подложната популација. Иако стапката на смртност варира, во тешки случаи може да достигне од 50 до 100 проценти. Оваа болест е тесно поврзана со вирусот на чума кај говедата (риндерпест), кој беше прогласен за искоренет на глобално ниво во 2011 година. Додека чумата кај говедата е успешно елиминирана, напорите за нејзина контрола и конечно искоренување кај малите преживари продолжуваат.