Што потоа?! – молк и од Градот и од ЈСП

3117

Полека се трошат количините нафта, позајмица од државните резерви. Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ќе имаат нафта до крајот на неделава, поточно до петок, вели Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП.

Тендерот за набавка на нафата бил отворен вчера, но ниту Стојановски, ниту директорот на ЈСП, Драги Кушовски не сакаа да кажат дали е избрана фирма од каде ќе се набави нафта или тендерот пропаднал.

Кушовски во изјава за весникот ВЕЧЕР истакна дека не бил во Комисијата за спроведување на тендерот и оти чека да му биде доставен извештајот. Стојановски пак децидно рече оти тоа не е негова проблематика и оти не сака да се меша во тоа.

На прашањето што доколку тендерот повторно пропаднал и дали има некаков план за разрешување на состојбата, директорот Кушовски вели дека има план и чекори кои ќе бидат превземени, но не сакаше да обелодени кои се тие, со образложение дека тоа може да биде злоупотребено.

–  Доколку кажам, тоа може да биде погрешно протолкувано. Јавноста навремено ќе биде известена – кусо одговори Кушовски, не отфрлајќи ја опцијата повторно да се земе на заем од државните резерви.

Според синдикалецот Стојановски, решението за состојбата на ЈСП е Министерството за образование и наука да го исплати долгот од 8 милиони евра за бесплатниот превоз на студентите, со кои би го исплатил долгот за нафта што го има во износ од 6 милиони денари и би се раздолжил кон приватните превозници. 

И од Градот не одговорија на прашањата: „Што кога ќе снема нафта? Има ли решение и какво за проблемот или ќе се чека повторно на заем од државните резерви?.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ