Сто парцели во близина на Три Чешми предвидени за изградба на куќи 

52

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека во населбата Три Чешми, на почетокот од 2025 година, ќе започнат со изградба на нова водоводна и канализациска мрежа, како и со трасирање улици, а на првиот оглас за продажба пробно ќе бидат објавени десет парцели

 

Со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните што сакаат да си изградат сопствени куќи, но и да се намали цената за квадратен метар на становите во Штип, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, најави дека, освен изградба на нова населба со индивидуални куќи меѓу населбите Сењак 4 и Баби, Општината ќе понуди на продажба парцели за куќи и во близина на населбата Три Чешми.

Јавните огласи за двете локации ќе бидат објавени наредната година, а во новата населба во близина на Три Чешми се предвидени сто парцели за изградба на куќи, додека во новата населба меѓу населбите Баби и Сењак 4 ќе се понудат 70 парцели. Јорданов посочи дека во населбата Три Чешми, на почетокот од 2025 година, ќе започнат со изградба на нова водоводна и канализациска мрежа, како и со трасирање улици, а на првиот оглас за продажба пробно ќе бидат објавени десет парцели.

– Согласно со програмата за отуѓување градежно земјиште, во овој момент пуштивме можност за отуѓување десет парцели во една нова зона за домување, индивидуално домување, куќи веднаш до населбата Три Чешми. Станува збор за една локација што беше споменувана во минатото, но поради неуреденоста и основниот степен на уреденост што не бил реализиран во минатото, оваа населба остана нереализирана. Во план сме во периодот што следува да влеземе со активности за уредување со поставување подземна инфраструктура, трасирање улици – вели Јорданов.

Тој нагласи дека станува збор за парцели за индивидуално домување, а не за нови станбени згради.

– Побарувачката создаде притисок врз цената на пазарот на недвижности. Во интерес на ова, се одлучивме да „парцелизираме“ и да овозможиме отуѓување дополнителни парцели за индивидуално домување – изјави Јорданов.

Тој истакна дека со ваквата реализација ќе им се даде можност, особено на младите, да инвестираат и да си обезбедат сопствен дом.