![University students protest against the government in Serbia](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/02/protesti_novi-sad_02-2025-epa-696x464.jpg)
Денеска се навршуваат 100 дена од уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Пет студенти од Универзитетот во Крагуевац денеска трчаат на штафетен маратон до Белград, со цел да им достават покани на своите колеги од Нови Сад, Ниш и Белград за протестот што ќе се одржи во Крагуевац на Сретење, на 15 февруари, пренесе Н1.
Штафетниот маратон започна во 9 часот пред Факултетот за медицински науки, а дочекот ќе биде пред храмот Свети Сава во Белград околу 22 часот. Планирано е студентите да ја поминат патеката долга 115 километри за околу 13 часа, со цел да им достават симболични покани на колегите да дојдат на прославата на српскиот конституционализам и државност на 15 февруари.
Исто така, студентите на Земјоделскиот факултет во Земун од 11 до 18 часот го блокираа мостот Газела.
А во Нови Сад во период од три часа, од 11 до 14 часот, беа блокирани три големи раскрсници со што практично ќе се оневозможи влез во градот. Како што соопштија од факултетот на Универзитетот во Нови Сад, блокадите се спроведуваат по повод 100 дена од несреќата на Железничката станица во која загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Во повеќе градови во Србија, но и ширум светот денеска се одржаа протести и „15 минути молк“. Студентите во блокадата ги повикаа своите сограѓани денеска масовно да се соберат на улиците во Ниш, Белград, Власотинце, Чачак, Горњи Милановац и други места.
Заврши неколкучасовната блокада на Газела, јавува репортерот на ТВ Н1.
Сообраќајот на мостот се нормализира.