Општина Гази Баба ќе доделува стипендии на талентираните ученици, учениците спортисти и учениците со посебни образовни потреби за учебната 2024/2025 година. За таа цел е објавен и јавен повик.
Од Општината информираат дека ќе бидат доделени по 25 стипендии за првите две групи ученици, додека за третата за учениците со посебни образовни потреби ќе бидат доделени пет стипендии.
-Износот на стипендијата e 3.000 денари месечно без пресметан персонален данок. Персоналниот данок на стипендијата го пресметува и плаќа Општина Гази Баба. Стипендијата се исплаќа од први до петти во текот на месецот за претходниот месец, девет месеци непрекинато во текот на учебната година, почнувајќи од месец октомври од тековната календарска година заклучно со месец јуни од наредната календарска година – соопштија од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски истакна дека реализацијата на овој проект е уште еден доказ дека Општина Гази Баба се грижи за сите. При тоа, ги повика жителите на општина Гази Баба да аплицираат на повикот.