Локомотивите што се превземени од „Србија Карго“, како поддршка на нашите четири (оспособени во изминативе два месеци), за растоварување на товарниот сообраќај и прием на голема побарувачка за железнички товарен сообраќај, пристигнаа во Македонија. Веста на Фејсбук ја споделија директорот на „МЖ-Транспорт“, Дејан Кошутиќ, и министерот за односи помеѓу заедниците Иван Стоиљковиќ.

– Останатите наши локомотиви се во процес на подготовка за пуштање во сообраќај во наредните недели. Голема благодарност до колегите од „Србија Карго“, нашите тимови од Влеча на возови и Товарен – напиша Кошутиќ.

Министерот Стоиљковиќ појасни дека станува збор за четири локомотиви за товарен сообраќај што, како што наведува, ќе бидат од суштествено значење за непречено функционирање на товарниот сообраќај низ Македонија, преку Србија, до земјите од Европската Унија.

– Договорената соработка е од големо значење не само за двете железнички компании туку и за севкупната регионална соработка по Коридорот 10, која не само што ќе го зголеми капацитетот на транзитниот сообраќај, туку и приходите, во пресрет на се поголемата побарувачка на товарниот транспорт. Пофалба за директорот на „МЖ – Транспорт“, Дејан Кошутиќ, за брзото спроведување на постапката и на надлежниот министер Александар Николовски, кој со своето несебично залагање и труд обезбеди внатрешна логистика на процесот, мое беше само да обезбедам комуникација помеѓу компаниите и политичка поддршка од српската Влада локомотивите што побрзо да стигнат и да се стават во функција. Тимската работа секогаш носи добри резултати – наведува Стоиљковиќ.

Се заблагодарува на српската Влада за покажаното разбирање и брзата реакција во решавањето на проблемот со кој се соочуваат македонските железници.

АД за железнички транспорт на стоки „Србија Карго“ и „МЖ-Транспорт“ АД Скопје,  завчера објавија дека склучиле договор за изнајмување на четири електрични локомотиви од серијата 461, со што е воспоставена стратешка соработка на две државни железнички компании во областа на железничкиот транспорт на стоки.

(С.Бл.)